-Од денеска 27 мај, целосно престанува важењето на Одлуката за забрана на движење на територијата на државата.
Премиерот Оливер Спасовски на вчерашната прес конференција рече: „Ја укинавме забраната за движење и другите рестриктивни мерки затоа што имаме контрола врз состојбата, заради стабилизирање на активните случаи, како и од увереноста дека здравствениот систем е подготвен да одговори на очекуваните тенденции“.
Од четврток, 28 мај отпочнуваат со работа угостителските објекти со прецизно утврден соодветен протокол за нивна работа во отворените делови, односно терасите на овие објекти, а работата во затворените делови и во објектите кои немаат тераси, ќе се регулира во наредната фаза.
„Од 1 јуни 2020 година, ќе престанат да важат заклучоците на Владата со кои различни категории вработени лица се ослободени по различни основи од редовно и тековно извршување на работните активности, како што се упатување за работа од дома, патување за работа кон градот Скопје, организирање на работниот процес со ротации и другите слични мерки и препораки.
И оваа одлука ќе биде придружена со соодветен протокол за работа, дејствување и однесување на работно место кој се однесува на просторните услови, физичкото растојание во работните и другите простории, носењето лична заштитна опрема и така натаму“, рече Спасовски
Ова нема важи за хронично болните и родителите кои имаат деца на возраст до 10 години или деца на претшколска возраст, за кои ќе се чека одлуката за отпочнување на работата на градинките.
„Задолжителниот државен карантин на државјаните кои се враќаат од странство со хуманитарни летови или конвои, се заменува со домашна изолација доколку лицата кои влегуваат на територијата на државата приложат ПЦР негативен тест за коронавирусот КОВИД-19 направен во последните 72 часа.
Од денеска, сите лица кои се спроведени во објектите за
државен карантин, на свој трошок, можат да направат ПЦР тест во објектот во кој
се сместени и доколку имаат негативен резултат да бидат упатени во домашна
самоизолација“ истакна Спасовски.
Владата ја задолжи Комисијата за заразни болести при
Министерството за здравство да направи јасна и прецизна проценка за отворање на
државните граници, како и да подготват соодветни протоколи за влез и излез во државата.
Второто задолжение до Комисијата за заразни болести при
Министерството за здравство е да подготви соодветни протоколи за работа на
хотелите, односно за начинот на работа со посетители, и за работата во
простории на хотелите.
Полицискиот час како мерка
против ширење на коронавирусот беше воведен на 22 март. Првиот полициски час
беше од 21 до 6 часот наутро. Оттогаш па наваму се менуваше времето за забрана
за движење во зависност од бројот на новозаболени лица и ширење на вирусот, прво се помести да
започнува од 16 часот , а потоа се помести
од 19 часот.