Владата информира дека 21.542 компании ќе добијат по 14.500 денари по работник за исплата на априлската плата. Од вкупниот број на поднесени барања, 2.377 барања се од угостителската дејност, 253 се туристички агенции (туроператори), 2.177 се од дејноста транспорт, 258 се од објекти за сместување, а 16.625 се од останатите дејности.
Со уредбата на Владата за оваа мерка можеа да аплицираат и самостојните
вршители на дејност (трговец-поединец, лице кое врши земјоделска, занаетчиска
дејност и лице кое врши услуги, кое остварува доход од вршење на дејност и е запишано
во соодветен регистар). Според владиното соопштение, ним им се одобрени 5.840
барања за финансиска помош од 14.500 за исплата на плати за април.
„Работодавачите можеа да ги
вратат назад на своите работни места работниците на кои им беше прекинат
работниот однос во периодот од 11-ти март до 30-ти април. Благодарение на ова
дополнување до 7-ми мај, до кога беше определен рокот за ова, околу 500
работници се вратија на своите работни места.
На останатите им
останува правото за надомест заради изгубено место во определен број на
месеци соодветно на нивниот работен стаж и во висина од 50% од просечната нето
плата во последните 24 месеци, мерка која се спроведува преку Агенцијата за
вработување.
Паралелно со оваа, во тек се и спроведувањето на мерките Ковид 1 и Ковид 2
бескаматни кредити од линиите на Развојната банка на Северна Македонија, во
вкупен износ од 13.7 милиони евра, кои што ги таргетираат микро, малите и
средни претпријатија погодени од кризата.
Од линијата кредити Ковид 1 досега се одобрени вкупно 631 кредитни апликации за исто толку компании со 5.588 вработени.
По структура од вкупно одобрените кредитни апликации, микро компаниите до 10 вработени учествуваат со 76%, малите компании до 50 вработени учествуваат со 22%, а средните компании до 250 учествуваат со 1%.
За втората линија бескаматни кредити – Ковид 2, се примени околу 2.500 апликации. Повикот е објавен на 29-ти април, а ќе трае до 13-ти мај 2020 година. Владата повикува компаниите да аплицираат и за овие поволни кредити кои ја поддржуваат нивната ликвидност.
Наскоро преку комерцијалните банки ќе биде пласирана и линија со исклучително поволни кредити во износ од 51 милион евра.
Од почетокот на годината заклучно со април фирмите добиле поврат на ДДВ од 145 милиони евра.
Тоа е за 16.7% повеќе во однос на претходната година. Само за месец април повратот на ДДВ кон компаниите е 38 милиони евра или за 23% повеќе во однос на истиот месец лани.
За ослободување од плаќање на аконтации на данок на личен доход поднесени се 816 барања – прифатени се 597 барања.
За ослободување на плаќање на аконтации на данок на добивка поднесени се 1.019 барања – прифатени се 747 барања.
Сите досегашни мерки се активни и доколку биде потребно, ќе се применуваат и понатаму. Во тек е подготовката на третиот пакет мерки кои ќе понуди директна поддршка и помош за граѓаните и домаќинствата преку јакнење на јавната и приватната потрошувачка, мерки кои ќе дадат стимул за полесно и побрзо надминување на економските последици од коронавирусот за навремено да можеме да фатиме чекор за заживување на македонската економија и нејзин динамичен раст и развој“, стои во соопштението од Влада.