Работна средба со раководството на Солвеј и здружението Градиком во општинската зграда во Радовиш
На иницијатива на
градоначалникот Герасим Конзулов се одржа работна средба со директорот на рудникот Бучим, Николајчо Николов, директорот на Боров Дол, Павел
Кривинскиј, претседателот на Советот на Општина Радовиш, Коле Чаракчиев и
претставници на Здружението на архитекти и градежни работници „Гардикон“-
Радовиш.
На средбата се разговараше за интензивирање на соработката
помеѓу локалните градежни фирми и новата рударска инвестиција на фирмата
Солвеј- Боров Дол ДООЕЛ.
За време на разговорот градежните работници се заложија за вклучување на локалната градежна оператива во изградбата на новиот површински коп со транспортната лента и искажаа благодарност за досегашната успешна соработка со рудникот Бучим. Градоначалникот Конзулов кој ја водеше средбата, истакна дека во оваа кризно време е од посебна важност локалните фирми да бидат оперативно вклучени во изведбата на новиот рударски коп Боров Дол, притоа истакнувајќи ја клучната улога на рудникот Бучим за развитокот на локланата економија и општината.
Директорот Кривинскиј направи пресек на досегашната работа на фирмата и истакна дека има план за интеграција на вработените од Бучим во Боров Дол и обука на нови кадри за потребите на рудникот. Директорот Николов ја потврди политиката на фирмата Солвеј и заложбите на раководството на компанијата за општествено одговорно работење и помагање на локалната заедница.
Претседателот на Советот, Чаракчиев ја поздрави иницијативата за интензивирање на соработката помеѓу локалната бизнис заедница и менаџментот на компанијата Солјев со надеж дека новата инвестиција ќе даде импулс за нов одржлив развој на општината. Дополнително, беа разменети мислења и околу актуелните случувања во општината и економските мерки за справување со кризата на локално ниво.