Во соработка со Министерството за информатичко општество и
Министерството за образование и наука, Македонски Телеком ќе им донира на децата од ранливи социјални категории да
бидат вклучени во процесот на онлајн учење до крајот на учебната година.
Преку 30.000 ученици од нашата
земја, кои доаѓаат од семејства со социјален ризик ќе добијат мобилен интернет
за следење на задолжителната онлајн настава.
„Имајќи предвид дека има ученици кои немаат
интернет пристап за следење на наставата преку далечинско учење, се наметна
потребата да им помогнеме. Интернетот ќе биде наменет за овозможување на
пристап до платформите за учење, согласно насоките и мерките од Министерството
за образование и наука. На овој начин не оставаме ниедно дете. На сите им
обезбедуваме интернет за да може да ја следат наставата. Ова се вонредни
времиња и потребна е вонредна помош“, истакна министерот Манчевски.
Донацијата е наменета за ученици од основните и средните
училишта, а интернетот ќе може да се користи само за наставните програми
на Министерстото за образование и наука.
„Согласно податоците кои ги добивме од
Министерството за труд и социјална политика вкупно 30.000 ученици кај
нас, потекнуваат од социјално загрозени семејства. Денес, на сите нив им го
олеснуваме вклучувањето во следењето на наставата преку интернет. “, истакна министерот за образование Арбер Адеми.
„Еден
од најголемите приоритети во вонредната ситуација е непречено образование на
децата. Ние имаме обврска не само да обезбедиме силна и стабилна интернет
врска, туку и да придонесеме кон еднакви услови за учење за сите деца.
Инклузијата на ранливите категории во дигиталниот свет е обврска на сите,
особено сега, кога единствениот пат по кој се движиме е онлајн“ – изјави директорто на Македонски телеком Никола Љушев.