Во своето обраќање на прес конференцијата по повод новите дополнително рестриктивни мерки за движење на граѓаните, премиерот Оливер Спасовски истакна дека годинава Велигденските и Рамазанските празници, како и сите други празници во овој период, ќе ги поминеме дома.
„Оваа година, верниците, своите молитви ќе ги упатат од дома. Велигденските пораки за победата над смртта да ги упатиме од дома. Истото ќе важи и за Рамазанските пораки. Од дома, преку телефон, преку интернет, секој од своето семејство, од својот сопствен дом, а не собрани по роднини и гости. Тоа нема да не направи послаби верници – напротив, тоа ќе ни го зајакне духот, зашто сите знаеме дека со тоа спасуваме живот!“, истакна премиерот Спасовски.
Во продолжение на своето обраќање Спасовски уште еднаш апелираше дека сега е најважно да се почитуваат мерките зашто само така граѓаните ќе се заштитат себеси, своите семejства, своите пријатели и здравствените работници кои во овие мигови се нашите херои.
„И да знаете, државата има капацитети! Во моментов се активни повеќе од 1000 кревети во болничките капацитети, доколку дојде до потреба од хоспитализирање на заболени граѓани. Но, ајде сите да се покажеме херои и да не дојдеме до таму да ги полниме креветите во болниците. Утре е Светски ден на здравјето кој оваа година Светската Здравствена Организација целосно го посветува на здравствените работници и во тој контекст сакам да им порачам да се чуваат себеси за да можат да не чуваат нас, нашите семејства и јавното здравје“, потенцираше Спасовски.