На овој ден се подготвува пченица за варење. Тој прв што ќе влезе во куќата наутро се вика „полезник”. Се смета дека е добро тој да е човек со „лесен полез”, поради што покануваат луѓе кои се сметаат за среќни, први да дојдат наутро и да бидат полезници, за претстојната година да биде среќна.
Според житието, таткото на оваа славна Христова следбеничка, којашто на млади години му се посвети на Христа, се викаше Диоскор и беше познат според положбата и богатството во градот Илиопол Мисирски, а во верата беше незнабожец. Својата ќерка единица, мудра во умот и убава во ликот, Диоскор ја затвори во висока кула, ја опкружи со секакви удобности, ѝ даде слугинки да ја служат, ѝ постави идоли за поклонување, ѝ изгради бања со два прозорци.
Гледајќи ги низ прозорецот земјата долу и ѕвезденото небо во висините, на Варвара ѝ се отвори умот со Божествената благодат, па Го позна единствениот вистински Бог и Создател. А кога нејзиниот татко еднаш се оддалечи од градот, таа излезе од кулата и по Божја Промисла се сретна со некои христијанки коишто ѝ ја јавија вистината на Христовата вера. Срцето на Варвара пламна со љубов кон Господа Христа. Таа нареди да се пресече и трет прозорец на бањата за да бидат трите прозорци симбол на Света Троица; на една карпа во бањата нацрта со прстот крст и крстот се вдлаби во каменот како врежан со железо; од нејзините стапала на подот од бањата избиваше извор со вода којашто подоцна на мнозина им донесе исцеление од болестите.
Кога дозна Диоскор за верата на својата ќерка, ја протера од кулата и ја гонеше за да ја убие. Карпата се отвори и ја скри Вравара од суровиот татко. Кога му се јави повторно, татко ѝ ја однесе пред началникот Мартијан, на кого што му ја предаде за мачење. Невината Варвара ја расоблекле и сурово ја мачеле. Во затворот ѝ се јавил Самиот Господ со Ангели и ја исцелил. Таткото самиот си ја заклал ќерката.
-Истиот тој ден удри гром во куќата на Диоскор и ги уби него и Мартијан. Света Варвара пострада во 306 година. Нејзините чудотворни мошти почиваат во Киев. Прославена во Небесното Царство, света Варвара многупати им се јавува на мнозина, понекогаш сама, а понекогаш со Пресвета Богородица,се вели во житието.