Со Свечена седница,
Советот на општина Василево ја одбележа 23-годишнината од своето постоење.
Седницата ја отвори Претседателот на општинскиот Совет, Крсте Панев, кој во
своето поздравно обраќање рече дека актуелниот
Совет е како алка од еден синџир
кој започнал да се плете пред 23 години, надоврзувајќи се на веќе направеното,
изграденото, постигнатото и со
своите Одлуки, продолжува да гради, надградува, доградува и проширува врз веќе
поставените основи.
На присутните им се обрати и првиот човек на
општината, градоначалникот Марјан Јанев, кој посебно се осврна на резултатите и
достигнувањата на општина Василево, за време на неговиот мандат односно
периодот од последните две години.
„Граѓаните на општина Василево, верувам, ги
препознаваат резултатите од 23 годишното постоење на општина Василево, бидејќи
тие се најверни свидетели на промените и развојот.
Со целосна почит кон трудот и резултатите на моите
претходници, во денешното обраќање ќе се осврнам на периодот од последните две
години, на кои гледам како на продолжување на заедничкиот проект „Општина
Василево – наш заеднички дом“, чии темели ги постави првиот градоначалник,
Добрин Андонов, за потоа континуираниот развој да го продолжат, Методи Митев,
Славе Христов и Ванчо Стојанов. Како актуелен градоначалник во
мојот двегодишен мандат, секојдневно, макотрпно, посветено, со целиот свој
капацитет, заедно со мојот тим и општинската администрација се вложувам во
нејзиниот развој, во нејзината изградба, оставајќи свој печат во секое населено
место преку реализираните проекти кои значат подобар живот на целокупната
заедница“, рече Јанев кој во продолжението од своето обраќање ги презентираше
реализираните активности, кои како што кажа се во насока на продолжување на
заедничкиот проект „Општина Василево – наш заеднички дом“.
Деловните партнери и соработници кои имаат посебен
придонес во развојот и промоцијата на општината, добија Благодарници, како и
ученици од двете основни општински училишта кои се истакнуваат со постигнатите
резултати и воедно ја афирмираат и промовираат општина Василево.