Владата на редовната168 седница го усвои мислењето на Министерството за правда
да се прифати иницијативата за автентично толкување на член 11 од Законот за
помилување („Службен весник на Република Македонија“ број 20/1993), поднесено
од пратениците Сашко Костов и Диме Велковски.
Законот за помилување беше изменет и дополнет во 2009
година, кога беше укинат членот 11 кој содржеше можност за помилување без
спроведување на постапка, се вели во мислењето на Министерството за правда.
Според ова мислење, во март 2016 година, Уставниот суд го
укина Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009
година, но со укинувањето на законот од 2009 година, не се враќа во сила
одредбата од членот 11. Тоа значи дека претседателот на Републиката немал, ниту
пак сега има правна можност да даде помилување без спроведување на постапка врз
основа на тој член и според тоа сите акти за помилување на претседателот на
државата засновани на член 11 од Законот за помилување објавен во„Службен
весник на Република Македонија“ број 20/1993, се незаконски и како такви
ништовни.
На оваа
своја седница, на предлог на Министерството за труд и социјална политика, Владата
го утврди Предлог-Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кој се
предлага дополнително усогласување на пензиите, покрај редовното усогласување .
Дополнителното усогласување зависи и е поврзано со порастот на минималната плата за повеќе од 15%
и порастот на просечната плата за повеќе од 5%. На овој начин вредноста на
пензијата се дава можност да расте со вредноста на платата, што овозможува
подобрување на животниот стандард на корисниците на пензија.