На настанот присуствуваа
министерот за здравство, д-р Венко Филипче, државниот секретар, д-р Владимир
Милошев и градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков.
Новото одделение е изградено на локацијата на поранешното
одделение од дрвена конструкција, кое беше значително оштетено. Зафаќа површина
од 560 м² и е енергетски ефикасно, со термоизолациска фасада, квалитетна
столарија, соларен систем и панелен покрив со највисок изолациски коефициент.
Одделението е изградено согласно меѓународни стандарди и искуства за акутно
одделение, со поделба на машки и женски пациенти, посебни простории за доктор,
сестри и болничари и има посебна соба за фиксација, согласно препораките на
Народниот правобранител. Вкупната сума за оваа инвестиција изнесува над 11
милиони денари.
Министерот Венко Филипче најави дека
поддршката на оваа институција ќе продолжи и во наредниот период не само во
делот на инфраструктурните зафати, туку и во зајакнувањето на кадровскиот
капацитет. Во изминатиот период покрај
реконструкцијата на одредени одделенија
бил примен и нов персонал со што капацитетот на болницата бил зголемен
за 10% кога се во прашање докторите и медицинските сестри.
Во Психијатриската
болница-Негорци, во изминатиот период, беше извршена уште една комплетна внатрешна
реконструкција на хронично одделение со површина од 450 м². Во ова одделение
поставени се нови подови и плочки, целосно нови купатила и тоалети и извршено е
реновирање на целата површина на ѕидови и тавани. Исто така, поставена е
целосно нова столарија и соларен систем за целото одделение. Вредноста пак на
овој инвестициски зафат изнесува 3.045.580 денари.
Покрај инфраструктурните зафати за подобрување на условите за престој и
лекување, во оваа здравствена јавна установа извршена е и обнова на стручниот
кадар. Во Психијатриската болница се вработени еден специјалист-психијатар,
двајца доктори на медицина, пет медицински сестри, еден дипломиран психолог,
еден дипломиран социјален работник и еден дипломиран биохемичар.