На почетокот тој се обрати на македонски
јазик, и како што рече, за прв откако нашата земја е членка на организацијата,
говори како шеф на делегацијата на Владата на Република Северна Македонија.
Веднаш додаде дека тоа е резултат на Спогодбата од Преспа, со што се реши 27-
годишната разлика со Грција за името на земјата како прашање што имаше сериозни
негативни и регионални и мултилатерални импликации и ја оддалечи земјата од
нејзиниот напредок во евро-атлантските интеграции.
„Денес имаме само придонеси од решената разлика. Конечно ја комплетиравме нашата лична карта во ОН. Покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои: македонски јазик, а за државјанство: македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Сега имаме исклучително добри односи со Грција, и со тоа придонесовме да зајакне регионалната стабилност и да се поттикне развојот на Западен Балкан“, говореше на македонски јазик премиерот Заев на говорницата во ОН, и додаде дека Спогодбата од Преспа, заедно со Договорот за пријателство со Бугарија, го забрза нашето интегрирање во НАТО и ги отстрани најголемите пречки за наша интеграција во ЕУ. „Сакам овде да подвлечам дека сме благодарни на ОН за целата поддршка, што најмногу се виде преку 20-годишната посветена и неуморна работа на Метју Нимиц, Специјалниот пратеник на Генералниот секретар на ОН, кој работеше со нас на изнаоѓање на решението. Веруваме дека Спогодбата од Преспа е вистински пример за моќта на дипломатијата и дијалогот и дека е корисен пример за многу други отворени прашања“, потенцираше Претседателот на Владата.
Во продолжението на своето обраќање пред
претставниците на државите и народите од светот, премиерот Заев нагласи дека
годинашното Генерално собрание повторно повикува на обединување на нациите во
борбата за мир, демократија, човекови права, владеењето на правото и одржлив
развој.
„Светот е на крстопат и затоа потребна ни е
посилна Организација на Обединетите нации, која ќе застане зад сите и ќе
испорача резултати за сите. И никого да не остави зад себе. Во свет обременет
со несигурност потребен е меѓународен поредок заснован на правила, делотворен
мултилатерализам“, порача премиерот Заев од говорницата на ОН во Њујорк.
Осврнувајќи се на една од централните теми на ова собрание – климатските промени, премиерот Заев потенцираше дека е неопходна реализацијата на заклучоците од Парискиот договор и да го препознаеме и прифатиме влијанието на климатските промени како закана за безбедноста и стабилноста во светот и разорните последици од овие промени врз човештвото.
Тој истакна дека здружен, мултилатерален
настап е неопходен и кога станува збор за лажните информации и дезинформациите,
заедно со целно-насочените кампањи кои се закана и го поткопуваат
глобалното демократско владеење, истовремено ставајќи ја на испит отпорноста на
демократските општества во целиот свет.
Премиерот Заев во завршницата на своето
обраќање нагласи дека унапредувањето и заштитата на човековите права,
демократијата и владеењето на правото остануваат темелни столбови на
вредностите и дејствувањето на Обединетите нации, и дека широко
распространетата неказнивост и отсуството на отчетност, нè потсетуваат дека сè
уште има многу да се работи на ова поле и тоа на национално, регионално и
глобално ниво.