Значаен христијански празник од есенскиот
циклус, еден од 12-те големи празници, којшто е непроменлив празник и секогаш
се паѓа на 14 септември, односно на 27 септември по стариот календар. Крстовден е празник на пост и покајание. Овој ден се
празнува во чест на наоѓањето на крстот врз кој бил распнат Исус Христос, наречен Чесен Крст, и во чест на неговото враќање од Персија во Ерусалим. Поради неговата чудотворна моќ крстот е наречен и животворен крст. На овој ден верните
се потсетуваат на распнатиот Богочовек, на Крстот достоен за безусловна
верност, и на неизбежното спасение кое доаѓа преку Христовото Распетие и
сораспнувањето со Него. За време на празникот, Крстот е положен во центарот на
Храмот, окружен со цвеќе и гранчиња
босилек.[1]
Црквата празнува два
празника поврзани со Чесниот Крст, зимскиот Крстовден или Водокрст (18/5 јануари) е посветен на стариот обичај според кој
на овој ден биле крштевани оние што го примале христијанството, а есенскиот
Крстовден, под името Воздвижение на Чесниот Крст се празнува во чест на
наоѓањето на крстот на кој бил распнат Исус Христос. Овој настан и се припишува на царицата Елена, мајката на славниот цар Константин, основачот на Цариград (Константинопол).
Првите три века не се
знаело каде се наоѓа крстот на кој бил распнат Исус Христос. Се претпоставувало
дека е закопан во близината на неговиот гроб, бидејќи според тогашните еврејски
обичаи крстовите биле закопувани во близината на гробовите. По многуте напади
на Ерусалим, по повеќето борби и разурнувања на градот била изменета и
конфигурацијата на земјиштето. Од друга страна пак неверниците и Евреите намерно ги обезличувале христијанските светилишта, или
врз нив подигнувале пагански храмови. Царицата Елена при обиколката на светите
места се интересирала и за крстот врз кој бил распнат Исус. По совет на
патријархот Макариј биле прашани најстарите луѓе, но само еден по име Јуда,
знаел дека крстот е во темелите на подоцна подигнатиот идолски храм на божицата Венера. При копањето нашле три крста, зашто на тоа место биле и
крстовите од двајцата разбојници што биле распнати заедно со Исус. Тогаш се
појавил проблем зашто не можеле да дознаат кој од трите е Исусовиот крст. Пак
по совет на патријархот Макариј со трите крстови допреле една болна жена и таа
од допирот со едниот од нив оздравела. Тоа било знак дека тој е бараниот крст
врз кој бил распнат Исус Христос. Кога за тоа разбрале жителите на Ерусалим
потрчале да го видат тој крст. Тогаш владиката ерусалимски Макариј неколку пати
го кревал и спуштал крстот вртејќи се на сите четири страни. Во тоа време
народот се крстел и пеел „Господи помилуј.“ Тоа се случило околу Велигден 326 година. Царицата Елена изградила повеќе цркви меѓу кои
и една на гробот на Исус посветена на Воскресението во која се чувал и Чесниот
Крст