Министерот
за транспорт и врски Горан Сугарески
денеска беше во посета на општина Радовиш, каде заедно со
градоначалникот Герасим Конзулов пратеничката Милева Ѓоргиева и претседателот
на Советот на општина Радовиш, Коле Чаракчиев, извршија увид во изградбата на водоводна
мрежа и резервоари за вода.
„Реализираме еден приоритетен проект за
Радовиш со кој ќе обезбедиме константна и навремена дистрибуција на вода до
граѓаните. Проектот е со вредност од 860 илјади евра и предвидува изградба на
цевковод и резервори за вода во неколку населени места во општината“, истакна Сугарески.
„Јас, како министер, особено се залагам за
реализација на проекти за изградба и подобрување на комуналната инфраструктура,
бидејќи не можам да прифатам граѓаните да немаат аоодветно водоснабдување
и канализација во 21 век. Очекувам со изградбата на овие резервоари водата
констатно да биде достапна до сите домаќинства и ги уверувам граѓаните да бидат
спокојни, бидејќи ќе им се реши еден горлив проблем со кој се соочувале со
години, нема да има повеќе рестрикции на вода“ – изјави министерот за транспорт
и врски Горан Сугарески.
Проектот се реализира со поддршка на КФВ
банката и буџетски средства, Според министерот општина Радовиш е избрана да
влезе во проектот поради огромната потреба на граѓаните да бидат снабдени со
квалитетна и константна диструбуција на вода.
Тој потенцираше дека Владата е максимално
посветена и
на развојот на
Источниот и Југоисточниот регион и притоа ги спомена инвестициите кои се
реализираат во патната инфраструктура.
„Во овој регион интензивно работиме на
изградба на експресниот пат Штип-Радовиш, завршивме со реконструкција на
регионалниот пат Штип-Радовиш, како и со реконструкција на патните првци од
Радовиш до Подареш и Конче. Исто така, започнавме и со реконструкција на
делницата од Радовиш до Струмица, со што сите државни патишта кои гравитираат околу
Радовиш ќе бидат рехабилитирани. Најавивме економска година, интензивно
работиме на реализација на инфраструктурни проекти, а резултатите се веќе
видливи“ – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Градоначалникот на општина Радовиш, Герасим
Конзулов, истакна дека на средбата со министерот Сугарески разговарале за
инфраструктурните проекти кои се реализираат во општината со поддршка на
централната власт, но и за проекти кои општината ги спроведува самостојно,
притоа потенцира и за значењето на новиот водовод за граѓаните на Радовиш.
„Со сите проекти кои се реализираат во
општината и сите кои се планирани да започнат, граѓаните на Радовиш можат да
бидат сигурни дека не се заборавени. Имаме огромна поддршка од централната
власт за реализација на крупни капитални проекти и заеднички работиме за
подобар живот на граѓаните. Нашата општина влезе во проектот за изградба на
локални патишта, со што од Министерството за транспорт и врски ќе добиеме
поддршка во висина од преку 1 милион евра кои ќе бидат наменети за изградба на
локални патишта на места каде до денес немаше начин да стигне освен со трактор“
– изјави градоначалникот на општина Радовиш, Герасим Конзулов.
Според Договорот, изградбата на водоводот
треба да биде завршена во март 2020 година.
При посетата на општина Радовиш, министерот
Сугарески оствари работна средба и со пратеничката Милева Ѓоргиева и
претседателот на Советот на општина Радовиш, Коле Чаракчиев.