По прогласувањето на портокалова фаза на територијата на цела држава до 14 август годинава, поради топлотен бран со температури до 40 и над 40 степени, Министерството за труд и социјална политика ги повикува правните субјекти да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство донесени врз основа на заклучоците на Комисијата за следење на ефектите од високите температури. Согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови Министерството за здравство препорачува ослободување од работните обврски на најранливите групи население, како што се – бремените жени и лицата на возраст над 60 години. Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Се препорачува сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот. Ова особено се однесува на градежните работници. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат проактивен пристап и да пружат помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници согласно предвидените активности во Акциониот план. Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Истовремено
Министерсвото за труд и социјална политика апелира на зголемени контроли од
страна на надлежниот Државен инспекторат за труд.
Граѓаните во целиот летен период
потребно е да ги почитуваат општите препораки
за заштита на здравјето, од Министерството за здравство. Во текот на екстремно топли денови треба да останат подолго време
во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на
отворен простор во овој период, да најдат можност за почести одмори под сенка,
да носат светла и лесна облека, при директна изложеност на Сонце да носат
заштитни очила и капа, при сончање да користат крема со висок заштитен фактор,
да внесуваат помало количество храна, главно овошје и зеленчук, помалку мрсна
храна, да внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење,
да избегнуваат алкохолни пијалаци, при влегување во возило, потребно одреден
период да го проветрат, а хронично болните редовно да ја земаат препишаната
терапија, во консултација со матичните лекари.
Поради високите температури и
зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања,
од Министерството препорачуваат задолжително миење на земјоделско-градинарските
производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, термичка подготовка
на храната и нејзино консумирање во многу краток рок по подготовката. Ако тоа
не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 4 степени
Целзиусови, а пред употребата таа да се загрее на + 100 степени и да се
избегнуваат производи кои термички не се обработени како мајонези од домашни
јајца, а внимателно да се конзумира сладолед и разни кремови.