Во пожарот што вчера ја зафати станбената зграда на улица„Ристо
Чавдаров“ во Гевгелија, а во кој изгоре целото поткровје со шест станови, со
брза и пожртвувана интервенција на противпожарните единици од Гевгелија,
Валандово и Неготино, беше избегната поголема трагедија.
Станарите од опожарените
станови, веднаш по неговото пријавување во 11.25 часот, биле навреме
евакуирани, а засега единствено со полесни телесни повреди се здобиле
неколкумина пожарникари, главно, изгореници и исеченици на екстремитетите и
отежнато дишење.
Се разбира, пожарот предизвикал голема материјална штета, која
допрва ќе се проценува, бидејќи во пожарот целосно изгореа сите шест стана во
поткровјето на зградата, а оштетувања има и на шестте станови на петиот кат.
Многу кратко по пријавувањето на пожарот, поточно, во 11.45 часот единицата на
ТППЕ-Гевгелија дејствуваше преку двата влеза од станбената зграда. Во гаснењето
на пожарот учествуваа 22 пожарникари од ТППЕ-Гевгелија, Валандово и Неготино, 5
доброволци од Доброволното противпожарно друштво во Дојран, вработени во
ЈПКД„Комуналец“ и 6 припадници на МВР.
Притоа, беа ангажирани 7
противпожарни возила, но и други помошни возила учествуваа во гаснењето на
пожарот. Најголем проблем за негово локализирање, меѓутоа, претставуваа силниот
ветер и покривот на становите во поткровјето, изработен од дрво.
-Во 14.45 часот пожарот беше ставен под контрола со натчовечки напори и голема
пожртвуваност на пожарникарите и сите други, кои учествуваа во борбата со
огнената стихија. Сето тоа се одвиваше во многу лоши услови, бидејќи пожарот
изби во еден од становите во поткровјето, на шестиот кат и за миг се прошири на
целиот кат. Наша цел беше, најпрво, да се евакуираат станарите од зградата и да
не се дозволи пожарот да ги зафати становите од петтиот кат, – вели командирот на ТППЕ-Гевгелија Раде Котевски, кој
раководеше со акцијата за локализирање на пожарот. Притоа, нагласува дека многу
значајно е што нема повредени граѓани.
Инаку, во пожарот целосно изгореа 6 станови во поткровјето, од кои три биле
празни, а 6 станови на петтиот кат се делумно оштетени. За време на
интервенцијата оштетена е техничката опрема и личната заштитна опрема на
пожарникарите. За време и веднаш по пожарот инспектор за пожари при Дирекцијата
за заштита и спасување изврши увид, а на терен излегоа и истражните органи.
Засега официјално се уште не се познати причините за пожарот.