Во набавката на 150 електрични автобуси, по две поништени постапки унгарскиот „Икарус“ и кинескиот „Зонгтонг“ од конкуренти одеднаш станаа партнери.
Центарот за граѓански комуникации денес го објави истражувањето Јавен надзор над јавните набавки: Студии на случај (издание бр.3).
Анализирани се тендерите за набавка на 150 електрични автобуси, за изградбата на спортската сала „Џексон“ во Штип и за фудбалското игралиште во Чегране.
1. Тендер за набавка на 150 електрични автобуси: По две поништени постапки, унгарскиот „Икарус“ и кинескиот „Зонгтонг“, од конкуренти, одеднаш станаа партнери
- Тендерот за набавка на електрични автобуси е спроведуван трипати во период од 15 месеци. Со секое повторување, учесниците стануваа познати, како и нивните цени и понуди, со што се намалуваше неизвесноста и се зголемуваше ризикот од координација меѓу понудувачите.
- Унгарскиот „Икарус Електрик Зрт“ и кинескиот „Зонгтонг Бас Холдинг“ во вториот тендер настапуваа како конкуренти, за во третиот да достават заедничка понуда, која беше избрана за најповолна. Во победничкиот тим како подизведувач се јавува и ЕВН Македонија, за набавка на станиците за полнење кои ќе ги произведува „Сангроу Дојчланд“, подружница на кинеската Sungrow Power Supply.
- Победничката понуда не беше најниска и беше избрана откако две поевтини понуди беа отфрлени. Вредноста на набавката е 60 милиони евра – 57 милиони за автобусите и 3 милиони за станиците за полнење.
- Идните автобуси ќе имаат значително помал капацитет од сегашните на ЈСП. Новите автобуси ќе собираат вкупно 66 патници, што е за 20 места помалку од последно купените автобуси од Град Скопје и дури за 30 од автобусите донирани од ЕУ.
- Министерството за транспорт не ги достави побараните документи, вклучително и анализата врз основа на која е подготвена и менувана тендерската документација.
- Комбинацијата од повторување на тендерот, промени во условите, променлив состав на понудувачите и недостигот на образложение за правените промени во описот на автобусите и полначите создава зголемен ризик од фаворизирање и ограничување на конкуренцијата, што ги доведува во прашање начелата на конкуренција, еднаков третман и транспарентност од членот 3 од Законот за јавните набавки.
Извор: www.ccc.org.mk