Медиуми: Ријад го врти грбот на Вашингтон – Кина станува новиот клучен партнер на Саудиска Арабија
Саудиска Арабија стратешки го пренасочува својот фокус од САД кон Кина како свој главен партнер меѓу идните суперсили, пренесуваат светските медиуми. Оваа промена доаѓа по серијата конфликти со Иран и неодамнешните средби на високо ниво насочени кон продлабочување на енергетската соработка меѓу Ријад и Пекинг.
Според информациите, еден од клучните разговори се одржал меѓу заменик-шефот на кинеската Национална енергетска администрација и претседателот на рафинеријата „Сауди Арамко“, Мохамед ал-Кахтани, каде фокусот бил ставен на зајакнување на глобалната енергетска безбедност и соработката во секторот за нафта и гас.
Главната причина за ова зближување е сè послабата доверба на Ријад во безбедносните гаранции од САД. Иранските напади врз саудиската енергетска инфраструктура за време на операцијата „Епски бес“ ја доведоа во прашање способноста на Вашингтон да го заштити својот традиционален сојузник. Со ова се урива деценискиот договор од 1945 година, според кој САД добиваа сигурен пристап до нафта во замена за воена заштита на династијата Ал Сауд.
Дополнително, американското производство на нафта од шкрилци ја намали зависноста на САД од Ријад, а нафтената криза од 2014-2016 година дополнително ги ослабна овие релации. Тој простор вешто го искористи Пекинг, кој изгради цврсти врски со престолонаследникот Мохамед бин Салман, нудејќи дури и откуп на 5% од акциите на „Сауди Арамко“ во моменти кога меѓународните инвеститори беа скептични.
Како резултат на тоа, од 2017 година соработката експлодираше со договори вредни 65 милијарди долари, а Саудиска Арабија веќе изрази подготвеност да тргува во кинески јуани, поддржувајќи ја дедоларизацијата на Пекинг. Медиумите заклучуваат дека за Ријад, САД повеќе не се незаменлив сојузник, туку само еден од партнерите, додека иднината му припаѓа на економското и политичкото сојузништво со Кина.