Сиљановска-Давкова: Цврсто сум убедена дека нема зошто да се грижиме во моментов
Вчера во Кабинетот на Претседателката се одржа третата седница на Советот за безбедност.
На седницата со којашто претседаваше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваа сите членови на Советот за безбедност: Африм Гаши, претседател на Собранието; Христијан Мицкоски, претседател на Владата; Панче Тошковски, министер за внатрешни работи; Владо Мисајловски, министер за одбрана; преку видео-врска Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија; (по функција), како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова и Владо Спиридонов, (именувани од претседателката).
На седницата беа поканети и: началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски; директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.
Седницата се фокусираше на безбедносната состојба во земјава по воените дејствија на САД и Израел кон Иран и иранските кон земјите во Персискиот залив, во коишто има американски бази.
Во расправата учествуваа сите присутни, презентирајќи релевантни информации, податоци и сознанија за настаните врзани за воените дејствија и последиците од нив. Дебатата резултираше со генерална оценка за стабилна и безбедна состојба во моментов.
Повеќето дискутанти укажаа на нужноста од постојано будно следење на галопирачките воени дејствија во заливот, како и на неопходноста од засилена активност на инструментите на рано предупредување.
Се нотираше дека посебната грижа за македонските граѓани се остварува преку новоформираниот Кризен штаб во МНРиНТ и ДКП-ата, заради целосна евиденција на македонските граѓани, коишто бараат дислокација од потенцијално загрозените подрачја.
На внатрешен план, претставниците на Владата декларираа целосна подготвеност и способност за справување со евентуалните економски и енергетски проблеми, предизвикани од војната.
Беше потенцирана потребата од засилени мерки против можни сајбер напади врз институциите и хибридни закани, како и нужноста од зголемена контрола на гранични премини.
Интензивната регионална соработка е од особен интерес за сите држави на Балканот!
Советот заклучи дека продолжувањето и засилувањето на регионалната соработка е од особен интерес за сите држави на Балканот.