Родната Струмица и денеска му се поклони и му оддаде почит на претседателот Борис Трајковски, за се што направи за Македонија
На денешен ден пред 22 години во авионска несреќа загина македонскиот претседател Борис Трајковски. Родната Струмица и денеска му се поклони и му оддаде почит за се што направи за Македонија. Пред споменикот „Македонија“ во големиот градски парк подигнат во негова чест, се одржа пригоден настан на кој за животот и делото на претседателот Трајковски зборуваше градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков.
-Неговото дело и неговата визија до ден денес остануваат светол пример за државничка одговорност, мудрост и искрена посветеност кон граѓаните и кон иднината на Македонија. Тој беше лидер кој веруваше во дијалогот наместо поделбите, единството наместо во разликите и во надежта наместо стравот. Во најтешките моменти за држават, неговата смиреност и неговата длабока вера, беа столбот на стабилност и охрабрување. Како втор претседател на независна Македонија, избран во 1999 година, тој ја презеде функцијата во време на сериозни предизвици, регионални тензии, економски потешкотии и внатрешни политички кризи. За време на конфликтот во 2001 година, неговата улога беше клучна во смирувањето на состојбите и во поддршката на политичкиот дијалог, како единствен пат кон мир и стабилност, рече меѓу другото градоначалникот Јанков.
Градоначалникот Петар Јанков со членови на Советот на општина Струмица положи цвеќе пред споменикот „Македонија“, а тоа го направија и претставници на семејството Трајковски, Општинскиот сојуз на борците и нивните поддржувачи, претставници на политичките партии и основни и средни училишта.
Во одбележувањето на 22-годишнината од загинувањето на Трајковски се вклучија и рецитатори од Домот за деца и млади „Благој Јанков Мучето“, а традиционално Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ засади дрвце во големиот градски парк, во знак на почит кон ликот и делото на претседателот Борис Трајковски.