Филипче: Следи ново задолжување од 300 милиони евра, задолжувањата немаат крај
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на одговор на новинарско прашање информираше дека следува ново задолжување од 300 милиони евра, a државата е соочена со голема криза.
„Следи ново задолжување од триста милиони евра, ќе слушнете наскоро. Мора да се пополнат нови дупки во буџетот. Сум за принципиелна поддршка на барањата на било која група на граѓани во државава, на луѓето им е потребна помош. Гласот на работниците и на синдикатите треба да биде слушнат“, рече Филипче.
Тој потенцираше дека и во време на најголеми кризи, владата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија имала континуиран раст на платите.
„Ако за период од седум години минималната плата се дуплирала, пораснала просечната плата, тоа значи дека имало добри економски политики. И тоа се аргументира, имаше странски инвестиции. Во последната година од нашето владеење, странските инвестиции беа близу милијарда евра. Сега ги нема. Сега се десеткувани. Компаниите заминуваат од земјава. Соочени сме со голема криза“, нагласи Филипче.
Филипче укажа дека владата на ВМРО-ДПМНЕ не покажува вистинска грижа за работниците и нивниот животен стандард, посочувајќи дека наместо резултати, таа се занимава со неефикасни активности.
„Гласот на работниците и на синдикатите треба да биде слушнат. Треба владата да сфати што тие луѓе бараат од неа, да ги сфати вистински причините, зошто тие тоа го бараат. Оваа влада конечно да сфати дека не и е местото да се шета низ светов и да не прави ништо, туку местото и е да разговара со синдикатите, со работниците, да излезе во пресрет на нивните барања“изјави Филипче. Тој додаде дека штом синдикатите излегуваат на протест, тоа значи дека работниците имаат реални потреби и барања. „Тоа се луѓе што не можат да врзат крај со крај, во оваа ситуација, кога платите се крајно ниски,најниски во регионот, нема тренд на раст, а цените континуирано растат“, рече Филипче. Притоа, Филипче посочи дека јавноста знае како како живееле работниците и какви мерки имаа во периодот на владите на СДСМ, дека платите и во најголемите кризи континуирано растеа.