Рудникот
Бучим, веќе неколку дена има дефект во производствениот процес односно пад на траката до флотација. Со оглед
дека рудникот се наоѓа во радовишкиот атар и најголем број од вработените се од
Радовиш, поради значителниот интерес кај граѓаните да бидат информирани за состојбата,
Телевизија Кобра побара одговор од Рудникот Бучим, на наколку прашања околу
самата состојба.
- Дали
дефектот е потврден и каква е неговата моментална состојба?
- Кои
мерки се преземени за санација и во кој временски рок се очекува нормализирање
на работата?
- Дали
постојат ризици за безбедноста на вработените и околината?
- Според неофицијални информации, вработени во повеќе наврати укажувале на
проблеми со траката – дали и како тие укажувања биле земени предвид?
Од менаџерскиот тим на Рудникот Бучим транспарентно и
навремено добивме одговор во кој се вели:
„Дефектот
е потврден и во моментот се спроведува санација од страна на техничките
екипи. Интервенцијата е во тек и, според сегашната проценка, се очекува
дефектот да биде во целост решен. Работата функционира по прилагоден
режим до целосна нормализација. Сите потребни мерки за безбедност и
здравје при работа се преземени и нема ризик ниту за вработените, ниту за
околината.
Што се однесува до прашања за претходни укажувања – во официјалната евиденција не постојат
пријави од таков тип. Доколку имате конкретни информации, ве молиме споделете
ги за да можеме дополнително да ги провериме“, велат од
Рудникот Бучим.