Со одлука на надлежните органи, професорката Зорица Витанова е назначена за нов директор на Средното општинско училиште „Јане Сандански“ во Струмица. Таа ја презема функцијата од досегашната директорка Невенка Стојанова, која успешно ја водеше институцијата во изминатите осум години.
М-р Витанова е наставник по англиски јазик со повеќе од две децении искуство во училиштето. Таа магистрирала меѓународен бизнис со странски јазици и има активно учество во бројни домашни и меѓународни проекти, со што придонела за развојот на наставниот процес и афирмацијата на учениците.
„Ја имам честа, но и одговорноста да застанам на чело на една од најважните образовни институции во нашата општина. Ќе се стремам кон унапредување на квалитетот на образованието и создавање услови кои ќе ги подготват учениците за современото општество,“ изјави новоименуваната директорка.
Досегашната директорка, Невенка Стојанова, ја предаде функцијата со порака за континуитет и натамошен развој: „Чест беше да се работи со овој колектив. Поставивме здрава основа која новата директорка ќе ја надогради со нови успеси.“
Со ова назначување, СОУ „Јане Сандански“ очекува да продолжи со традицијата на квалитетно образование и да создава генерации ученици подготвени за предизвиците на современото време.