Во недела, 26 октомври, во 03:00 часот завршува летното,
а почнува зимското сметање на времето. Стрелките на часовникот ќе се поместат
еден час наназад, односно времето во 03:00 часот ќе се смета како 02:00 часот. Македонија и остатокот од Европа, со
исклучок на Русија, Белорусија и Исланд, ќе прејдат на зимско сметање на
времето.
Одлуката за промена на сметањето на времето во земјава,
како што посочуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални
суровини, е донесена врз основа на годишната практика за регулирање на
сметањето на времето и има за цел усогласување со европската регулатива во оваа
област.
Зимското сметање на времето почнува секој последен викенд
во октомври и трае до последниот викенд во март следната година, кога повторно
настапува летното сметање на времето.
Европскиот парламент на 4 март 2019 година изгласа да
биде укинато сезонското поместување на времето од 2021 година, но Советот на ЕУ
сè уште нема донесено конечна одлука.
Преминувањето
на летно и зимско сметање на времето првпат е забележано во 1916 година, во
земјите на северот на Европа, а досега е воведено во околу 70 земји, за да се
заштеди енергијата со тоа што периодот на дневната светлина од раните утрински
часови ќе се „премести“ навечер.