Од денеска започна кампањата за Локалните избори 2025,
кои се 8-ми по ред од независноста на државата. Ќе се избираат градоначалници и
советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Ќе се гласа на 3.480 избирачки
места за 309 кандидати за градоначалници и 576 советнички листи или за вкупно 10.490 кандидати.
Изборната
кампања започна денеска и ќе трае до 17 октомври на полноќ по што следува
24-часовен молк пред гласањето на 19 октомври (втор круг 2 ноември). Партиите и
независните кандидати денеска на првиот ден од кампањата, започнувaат со официјалните
претставувања пред гласачите.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја започнуваат изборната кампања вечерва во Скопје на голем сенароден митинг, на кој ќе го промовираат кандидатот за градоначалник на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Централниот настан на СДСМ и коалицијата вечерва е во Крушево каде кандидат за градоначалник е Томе Христоски, а претходно нивниот изборен караван ќе биде во Демир Хисар и во Могила.
Претставувања на кандидатите за градоначалници и совети ќе има и во други општини. На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури. Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје – 16.
Право на глас на Локалните избори 2025 имаат 1.832.415 гласачи, од кои 1.717.803 се во земјава додека останатите 112.000 се запишани во посебниот избирачки список со лица кои се одјавиле и се на привремена работа и престој во странство, 2.162 гласачи кои се на издржување казна затвор или притвор и 450 гласачи кои ќе остварат гласачко право во старските домови.
Најдоцна една недела пред изборите (до 10 октомври) болните и изнемоштените кои сакаат да гласаат дома треба да достават барања до ОИК со соодветна документација. Избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор, а кои сакаат да гласаат, преку овластен полномошник треба да ја известат ОИК најдоцна три дена пред денот определен за гласање (14 октомври). Гласањето за нив, како и немоќните и болните, за затворениците и лицата во старските домови избирачките одбори го спроведуваат на ден пред изборите односно на 18 октомври.
Буџетот за Локални избори 2025 е 9.760.000 евра.
Како што е
предвидено во Изборниот законик (член 69а) за изборна кампања се смета јавно
собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната
кампања, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места,
изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени
материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни
органи и нивните програми.
Овие се осми по ред Локални избори во Македонија, претходно се
одржале во 1996, 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021
година.