Денеска се одбележуваат 115 години од раѓањето на Мајка Тереза
Mother Teresa of Calcutta at a pro-life meeting on July 13, 1986 in Bonn, Germany
Денеска се одбележуваат 115 години од раѓањето на Мајка Тереза (вистинското име и е Агнеса Гонџа Бојаџиу). Таа е родена на 26 август 1910 година, на тогашната улица „Поп Кочина“ број 14, која што се наоѓала на сегашниот Плоштад „Македонија“.
Гонџа била најмалото дете во семејството, имала постара сестра Ага и постар брат Лазар. Ага е родена во 1904 година, а Лазар во 1908 година. Податоците за таткото на Гонџа, Никола Бојаџиу, не се расчистени докрај. Според едни тој бил трговец, а според други аптекарски помошник. Тој бил и член на Советот на Скопје како единствен католик. Починал во 1919 година. Мајката Драна била домаќинка и исклучително религиозна жена. Таа потекнува од фамилијата Бернај од Косово. Нејзиниот татко бил трговец и големопоседник.
Гонџа потекнува од добростоечко семејство и во него владеело правилото да се помогне на секој на кој му е потребна помош. Драна била вредна жена и за да им овозможи на децата сигурен живот, по смртта на Никола, започнала да шие и да везе.
Конечната одлука да го напушти Скопје ја донела затоа што на 12 годишна возраст добила повик од Бога. По 6 години, таа конечно, го напушта родниот град. Заминува за Даблин, Ирска од железничката станица во Скопје. Заедно со мајката Драна и сестрата Ага заминуваат за Загреб, од каде, после две недели, Гонџа заминува за Ирска. Ова е последната нејзина средба со своите мајка и сестра.
Во 1979 година ја добила Нобеловата награда за мир за извонредно широката дејност во помагањето на бедните, болните и унесреќените во целиот свет. Почина во Калкута, Индија, на 5 септември 1997 година по неколку годишна борба со болест на срцето и белите дробови
Две години по нејзината смрт, Папата Јован Павле II, ја започнува диоцезиската фаза од процесот за беатификација и канонизација.
По беатификацијата на Мајка Тереза, која на 19 октомври 2003 ја извршил папата Јован Павле Втори, таа ја добила титулата Блажена Мајка Тереза. Оваа титула ја носела сè до нејзиното прогласување за светица откако црквата официјално утврдила дела има изведено и второ чудо.
Папата ја канонизирал Мајка Тереза на 4 септември 2016 на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан пред десетици илјади луѓе, меѓу кои 15 службени делегации 1.500 бездомни лица од цела Италија.
Во 1980 година таа е прогласена за почесен граѓанин на нејзиниот роден град Скопје, кој од своето заминување во божја и хуманитарна мисија за помош на гладните и осамените, го посетила четири пати – во 1970, 1978, 1980 и во 1986 година.
Во текот на својот живот, Мајка Тереза, за својата хуманитарна работа, има добиено повеќе од 700 награди и се смета за најнаградуваната личност на XX век.