Македонија

105 години од упокојувањето на Марко Цепенков, најпознатиот македонски собирач на народни умотворби

Книгоиздавателството „Панили“ ја одбележува 105-годишнината од упокојувањето на  најпознатиот македонски собирач на народни умотворби, Марко Цепенков. „Панили“ ја објави неговата „Автобиографија“ напишана во 1896 година – издание со кое делото на Цепенков се доближува до новите генерации на XXI век.

– Од сите собирачи на македонското народно творештво, Марко Цепенков има најдолга запишувачка практика – повеќе од 40 години собирал народни умотворби. Освен тоа, за разлика од другите собирачи на македонските народни умотворби (Браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев, Стефан Верковиќ), кои во својот фонд собрани фолклорни материјали имаат и творби што ги добиле од други запишувачи, Марко Цепенков лично самиот ги запишал своите фолклорни и етнолошки материјали. И по вкупниот фонд на собраните народни умотворби, како и по жанровската разновидност на собраните фолклорни материјали, Марко Цепенков е најголемиот собирач на македонски народни умотворби, како што истакнува и Раде Силјан во обемниот поговор на ова издание.

Во вкупниот број публикувани и непубликувани дела од фондот на Цепенков можат да се набројат повеќе од 5 500 пословици и поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, 400 верувања и клетви, 300 благослови, 350 баења, 2 900 соништа и нивни толкувања, 70 детски игри, јазичен и етнолошки материјал (речник, тајни јазици, описи на занаети, обичаи, обреди, реквизити од домашниот материјален живот и сл.).

Неговата автобиографија претставува богат извор за проучување на животот и обемното собирачко дело на Цепенков. Но, едновремено, таа не е само животна приказна, туку е и комплетно авторско дело коешто треба да биде еден од клучните изворници за македонскиот XIX век. Имајќи предвид дека ова издание на „Панили“ има за цел „Автобиографија“ на Цепенков да ја доближи до новите генерации, подготвено е на начин што овозможува негова достапност и разбирливост и за најмладите.

– Марко Цепенков се вбројува меѓу најголемите европски собирачи. Но, неговата големина не е само во бројот на собраните приказни. Важен е фактот дека е тој своевиден креатор во обликувањето на приказните, на кои им давал свој личен печат. Во тој свој принцип не се разликува многу од големите европски собирачи (Браќата Грим, А. Н. Афанасјев, Андерсен и др.). За разлика од нив, Цепенков повеќе се придржувал кон изворноста на јазикот и кон народната приказничка традиција, истакнато е меѓу другото во поговорот на Силјан.

Блаже Конески многу прецизно укажува дека за Цепенков можеме да зборуваме надвор од вообичаените, клиширани претстави за собирачите и треба да го прифатиме како зачетник на белетристиката кај нас. Впрочем, таквиот однос се покажува и преку ова издание на „Панили“. Цепенков излегува од рамките на голото регистрирање на настаните и се наметнува како творец со одредени креативни амбиции, па затоа мора да му се одреди статусот на вистински родоначалник на македонската прозна мисла, проткаена со приказни инспирирани од народниот дух, во кој се отсликува со сите лоши и добри страни животот на обичниот човек, на селанецот.

– Приказната за „Силјан Штркот“ е најубавиот предглас на индивидуалното македонско уметничко прозно творештво. Во овој круцијален текст до особен израз доаѓа смислата за прозна композиција, градена од уверливи и силно прифатливи животни епизоди. Оваа приказна иако, е во дослух со магиските и со митските фактори, таа не е морализаторска, туку поетско-алегориска. Во неа е понуден говор во голем жанровски распон и е предадена широка слика на одредена и препознатлива цивилизациска средина, посочува меѓу другото Раде Силјан.

Објавувањето на „Автобиографија“ од страна на „Панили“ е прво одбележување на 105-годишнината од упокојувањето на Марко Цепенков. Изданието веќе е достапно во книжарницата на „Матица македонска“.

Media Press

Автор на инфорамцијата

Recent Posts

Поевтинуваат горивата

Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 84 денари, а на ЕУРОСУПЕР БС-98 — 86 денари…

3 часа ago

ТРИБИНА ЗА КРСТЕ ПЕТКОВ МИСИРКОВ – вековна мисла и неизбришлив темел на македонскиот идентитет

Во чест на еден од најзначајните великани на македонската национална и јазична мисла, Крсте Петков…

4 часа ago

Пензионерите од Василево добија пензионерски клуб

Викендов,  во Домот на културата, градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, заедно со пензионерите, со…

5 часа ago

ФАТЕН СО АКТИВНА ЗАБРАНА: Управувал со возило спротивно на законската мерка – забрана за управување на возило!

На 12.11.2026 во 15:50 часот во Гевгелија, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија го лишија…

3 дена ago

Општина Струмица со награден фонд до 130.000 д. за најдоброто идејно решение за Градски плоштад ,,Гоце Делчев“ – Струмица

ПОТСЕТУВАЊЕ ДО ГРАЃАНИТЕ: РОКОТ ЗА ИДЕЈНИТЕ РЕШЕНИЈА ЗА ГРАДСКИОТ ПЛОШТАД „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ Е ПРОДОЛЖЕН ДО…

3 дена ago

Општина Струмица денес ја одржа 18-та седница на Советот на општина Струмица

Нови развојни планови за Струмица, финансиска стабилизација и инвестиции во 2027 година! На денешната 18-та…

3 дена ago