Со света Божествена Литургија денеска беше одбележан големиот верски празник Ѓурѓовден на манастирот Свети Ѓеоргиј во Ораовица
Со света
Божествена Литургија денеска
беше одбележан големиот верски празник Ѓурѓовден на манастирот Свети Ѓеоргиј во
Ораовица, посветен на Свети Ѓеоргиј Победоносец. Празничното одбележување
започна од вчера со Архиерејска
вечерна Богослужба, во сослужение на владиката Брегалнички Господин Иларион. Ѓурговден
е сенароден пролетен празник кој го слави целото население.
На денешната
богослужба помеѓу верниците
беше и ктиторот на
манастирот Свети Великомаченик Георгиј, Николајчо Николов кој рече дека со задоволство секоја
година на овој ден присуствува на божествена литургија во манастирската црква.
Манастирот
Свети Великомаченик Георгиј се наоѓа на 3 километри северозападно од селото Ораовица, во подножјето на планините Плачковица на 7
километри источно од Радовиш, и е еден од најпосетуваните православни светилишта во
Радовишкиот крај. Прекрасната природа и духовниот мир во манастирот Свети
Ѓеоргиј, е
причина повеќе верниците да го посетат на денешниот празник Ѓурѓовден.Од пред 13 години целосно е возобновена црквата
и целиот Манастирски комплекс со средства од ктиторот Николајчо Николов, и до
денес постојано се надоградува и доуредува.
Според житието Свети
Великомаченик Георгиј Победоносец живеел и пострадал за време на безбожниот
римски цар и идолопоклоник Диоклецијан (284 – 305 година). Неговите родители
биле богати, доброчесни и побожни. Неговиот татко маченички пострадал за верата
што и придонело малиот Георгиј така силно да го засака Христа и сецело да Му се
предаде, да Му служи и со својот живот маченички да ја потврдии исповеди
својата вера и љубов кон Христа Господа. Неговата мајка била родена во
Палестина која, исто така, уште од неговото детство успеала да го воспита и
насочи својот син во вистинската вера и наука. Свети Георгиј се смета за
покровител на Москва, Грузија, Англија, а исто така е доста почитуван во
Палестина и на Балканот.
По смртта на
својот сопруг, таа се вратила во своето родно место во Палестина, каде
поседувала огромен имот. Таму малиот Георгиј ги посетувал светите места кај што
се движел и поучувал Господ Исус Христос. Со прекрасен став и убавина, висок и
храбар, младиот Георгиј бил регрутиран во елитната војска на царот. И уште на
неговата 20 годишна возраст, тој постанува трибун во војската, чин кој
соодвествува на денешен полковник,(машала) а тоа било високо место за неговата
возраст. Набргу потоа, тој успеал да ги освои симпатиите кај царот кој го
поставил на уште повисоко место, член во Советот на државата. Тоа било така се
додека царот имал толерантен однос кон христијаните, но кога побарал од
војската секој да принесе жртва пред мртвите идоли и кога сурово отпочнало
прогонувањето на невините христијани од незнабошците, Георгиј прв се
спротивставил на таквата наредба.
Кога царот
Диоклецијан издал наредби за прогонување на христијаните, ги повикал
управниците на источните провинции во империјата и им дал посебни упатства како
да постапуваат со христијаните. Откако го презрел човечкиот страв, храбриот
воин Георгиј смело изјавил пред Советот: – До кога ти, цару, и вие кнезови и
советници, ќе го распалувате својот гнев против христијаните? До кога ќе ги
прогонувате и измачувате невините и добродетелни луѓе, кои никого и со ништо не
повредиле, а за сите служат како пример на благочестив живот? Вие сте, господа,
во заблуда, зашто вашите идоли не се богови. Исус Христос е вистинскиот Бог.
Или познајте ја Вистината и научете се на благочестие, или пак престанете со
своите прогони и безумие кон тие што ја познале Вистината.
Сите членови
на Советот биле вчудовидени од настапот на Георгиј. Меѓутоа, и самиот
Диоклецијан вџашен од тоа што го слушнал од својот миленик, долго молчел.
Најпосле му дал знак на проконсулот Магнециј да одговори на Георгиј. Магненциј
го запрашал младиот воин: „Кој те поучи така дрско, смело и противзаконо да
одговориш?“ – Вистината – одговорил Георгиј. – Која е таа вистина? – Вистината
е самиот Христос, прогонуван од вас. – Значи и ти си
христијанин? – прашал Магненциј. – Јас сум слуга на Христа, мојот Бог; со надеж
во Него јас дојдов доброволно тука пред вас, за да посведочам за Вистината. Разбеснетиот Диоклецијан не го оставил да се доискаже туку,
веднаш наредил да го затворат во темница со што започнуваат маките на Георгиј…
Својата глава ја преклонил под мечот и бил посечен на 23 април 303 година. Верниот слуга на Св. Георгиј ја извршил неговата последна желба. За време на цар Константин Велики светите и чудотворни мошти на Св. Георгиј биле пренесени во Лида и погребани во храмот посветен на неговото име, кој го изградиле побожните христијани. Чесните мошти ги пренеле на денот на осветувањето на храмот. Значи, на трети ноември, или на 16 ноември – по нов календар, се прославува пренесувањето на моштите на славниот Свети Великомаченик Георгиј Победоносец од Никомидија (Мала Азија), во градот Лида во Палестина. Светите мошти и денес таму почиваат.