Почнува кампањата на Владата „Помалку трошоци, повеќе за тебе – Се грижиме“ со која се намалуваат цените на над 800 прехранбени производи во пресрет на новогодишните празници.
„Во
новогодишната потрошувачка кошничка листа спаѓаат цела низа на производи како
леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и
млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје
и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци и друго“, велат
од Владата.
Но според она што го кажуваат граѓаните на рафтовите во маркетите состојбата е друга. Како што велат тие, пример од десетина вида на сирење цената е намален само на еден вид. Или од повеќе видови на леб само на еден до два вида е намалена цената, останатите ја имаат истата цена.
За Новогодишната кошничка реагираат и од СДСМ.
„Мицкоски најави и новогодишна кошничка со наводно пониски цени на прехранбените производи, но по истиот модел, откако ја најави, тој им остави време на трговците да ги зголемат цените.
Очигледно е
дека за новогодишните празници, кошничките на граѓаните ќе останат празни, а
полни ќе бидат само касите на трговците“, велат од
партијата.
Од СДСМ прашуваат -Дали во математиката на Мицкоски постои формула како со
минимална плата од 22.567 денари, дури и двајца членови од семејството да ја
земаат, можат да преживеат во месецот? Со ова темпо на раст на трошоците за
живот, веќе е созреана потребата од 500 евра минимална плата, за да можат
граѓаните да имаат пристоен живот и да ги покријат основните месечни потреби за
храна и услуги“, велат од СДСМ.
Кампањата за новогодишната потрошувачка кошничка
ќе трае до 15 јануари 2025 година.