Стартува проектот „Енергетски ефикасен регион“ со кој Општина Радовиш ќе штеди енергија и до 200 илјади евра
Денеска во Радовиш беа презентирани реализираните активности за создавање енергетски ефикасен регион на подрачјето на општините Радовиш, Конче и Василево.
На презентацијата во Спортско-рекреативниот центар „25 Мај“ во Радовиш присуствуваа министерот за локална самоуправа, Златко Перински кој денеска беше во посета на Радовиш, директорот на Центар за развој на Југоисточен плански регион, Ѓоко Камчев, како и градоначалниците на општините Радовиш, Конче и Василево, Ацо Ристов, Златко Ристов и Славе Андонов.
Градоначалникот Ацо Ристов изрази благодарност до поддржувачите на овој значаен проект за Радовиш кој ќе придонесе во намалување на трошоците за енергија и до 200 илјади евра годишно. Градоначалникот Ристов во своето излагање спомна дека има идеи како да го развие проектот и да обезбеди поголема заштеда на трошоците во иднина искористувајќи ги целосно капацитетите од 300 сончеви денови во годината. Тој се надева дека овој пример ќе го следат и другите општини.
Според министерот Перински, овој проект е одличен пример како може да се искористат 300 просечни сончеви денови во југоисточниот регион.
„Ова претставува клучен фактор за одржлив развој, за унапредување на животниот стандард со оглед на тоа дека со овој проект се создаваат услови за намалување на потрошувачката на електрична енергија што директно влијае на економскиот раст. Во случајов, не само што го промовираме користењето на обновливи извори на енергија, туку овозможуваме долгорочна енергетска сигурност што влијае и на унапредување на квалитетот на живот. Ова е и одличен пример за меѓуопштинска соработка и сметам дека може да се реплицира и во други општини и региони“, посочи Перински.
Според Ѓоко Камчев, директор на Центарот за развој на Југоисточниот регион, со овој проект е направен голем чекор за иднината, за создавање енергетски ефикасни општини со што драстично се намалуваат трошоците за електрична енергија. Тој ги охрабри останатите локални единици и региони, да го следат примерот на овој проект во насока на поефикасни општини во однос на енергетската ефикасност.
Министерот Златко Перински рече дека и во иднина ќе ги подржуваат ваквите и слични проекти со цел поквалитетни услови за живот на граѓаните.
Проектот
„Енергетски ефикасен регион“, е инвестициски проект со дигитална
компонента од Грантовата шема на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен
регионален развој“ – фаза 2, финансиран од Министерството за локална самоуправа
и Швајцарската агенција за развој и соработка.
Задоволство од реализацијата на овој проект изразија и градоначалниците на општините Василево и Конче, Славе Андонов и Златко Ристов.
Инаку, електричната енергија која ќе се произведува од овие две фотонапонски центри ќе биде распределена по 25% за општините Конче и Василево, а останатите 50 % ќе ги добива Општина Радовиш. Вкупната инвестиција изнесува околу 23 милиони денари, од кои најголем дел се обезбедени од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската развојна агенција
Целта на настанот беше да се прикажат постигнатите резултати од имплементацијата на проектот „Енергетски ефикасен регион“, како и да се истакне важноста на технологијата и дигиталните алатки и во постигнување на енергетската ефикасност на регионот.