Општина Радовиш во соработка со Граѓански Креативен Центар „Креа“, Општина Конче, Креативниот центар на заедницата „Нексус“, ЛАГ Плачковица, Софт Скилс, ВК „Велолисец“ и ВК „Бел Камен – Серта“, а во координација со Министерството за животна средина и просторно планирање, во деновите од 16 до 22 Септември ја одбележува „Европската недела на мобилност“.
Целта на оваа активност е да се поврзат сите засегнати страни (градови/општини, невладини организации, компании, ученици и поединци) во практикување на одржлив урбан транспорт, да се намали употребата на автомобили, односно да се редуцираат емисиите на штетни гасови во воздухот.Во рамки на „Европската недела на мобилност“ вчера во основните и средното училиште во Општина Радовиш, во секое оделение беше прочитано поздравното писмо од Градоначалникот Ацо Ристов, а денес од страна на Градоначалникот беа доделени субвенции на вкупно 12 лица кои аплицираа на јавниот повик за користење на финансиски средства за надоместување на дел од трошоците за купен нов велосипед.
Исто така денес во текот на целиот ден во Нексус студиото, се одвива поткаст во живо со граѓани на општина Радовиш на теми поврзани со мобилноста.
„Следуваат уште повеќе интересни настани, како дел од Програмата со која се одбележува оваа недела и воедно упатуваме АПЕЛ до сите граѓани, масовно да се вклучат во истата со цел – подигање на свеста во нашата општина за намалување на загаденоста на воздухот, за чиста и здрава животна средина и за поттикнување на користење модерен урбан транспорт и намалување на употребата на автомобили“, велат од Општина Радовиш.