На седница на Совет на Општина Радовиш меѓу другото, усвоена Одлуката на ЈП Плаваја, поголемите потрошувачи да плаќаат поскапа вода
Советот на Општина Радовиш ја одржа 52 седница на која
беа донесени повеќе Предлог одлуки. На почетокот имаше само едно советничко
прашање од советникот Панче Николов околу подготовките и плановите за одржување
на манифестацијата „Самун ем татлија“ на што одговор даде градоначалникот Ацо
Ристов, дека подготовките течат нормално.
Потоа беше Констатирана оставката на член на Советот на
Општина Радовиш доставена од страна на советникот Игор Илиев.
Во продолжение беа усовени Предлог – Одлуките за давање
согласност за формирање на паралелки со помал број на ученици во основните
училишта Кирил и Методиј – Ораовица, Коста Рацин – Подареш, Никола Карев –
Радовиш, Крсте Петков Мисирков – Радовиш и Орце Николов – Ињево. Предлог –
Одлука за давање согласност за формирање на паралелки со помал број на ученици
беше изгласана и за СОУ „Коста Сусинов“ во Радовиш.
На Седницата беше усвоена и Одлуката донесена од Управен
одбор на ЈП „Плаваја“ Радовиш за фактурирање по зголемена цена за 30% за
потрошена вода над 30 м3 по мерно место (водомер) за физички лица, од
24.07.2024 година. На ова се спротивстави
советникот Панче Николов дека не треба одлуката да се однесува и за месец јули
односно да се ваќаат назад, туку да биде со одложена примена, пример, како што
рече од следната година, за да не бидат граѓаните не најавено изложени на поголем
трошок, како и да се гледа бројот на членови во едно домаќинство.
Претседателот на Советот Страхил Гавритов како
претставник од ЈП „Плаваја“ рече дека оваа одлука била донесена уште во 2013
година но досега не била применета.
„Годинава со климатските промени и сушниот период кој го
зафати Радовиш се става под прашање и водоснабдувањето односно некои зони остануваат
без вода додека некаде се трошат големи количини вода за наводнување на
тревници и бавчи, што не е дозволено и не е солидарно кон останатите граѓани“,
рече Гавритов.
Со ваква констатација се приклучи на дискусијата и
градоначалникот Ацо Ристов, кој рече дека мораме да бидеме одговорни за питката
вода која се повеќе ќе ја нема во текот на годините.
„Колку е тешко и скапо да обезбедиш чиста и питка вода за
пиење и потоа да ја трошиме за наводнување на бавчи и тревници, а некои граѓани
да немат за основни потреби е навистина жално“, рече градоначалникот Ристов.
Советниците сепак ја усвоија оваа Одлука како и Одлуката донесена
на Управен одбор на ЈП Плаваја Радовиш, за фактурирање на паушален износ за
собирање, одведување и прочистување на
урбани отпадни води за корисниците на подземни води, во кои спаѓаат и неколку
правни лица.
Во продолжение беше усвоени и Предлог програмата за
измена на програмата за функционирање на администрацијата во Општина Радовиш за
2024 година, потоа Предлог- Одлука за измена на распоредот на средствата на
Буџетот на Општина Радовиш за 2024 година и други предлог одлуки.