Заврши изградбата на новата улица во село Ињево, во должина од околу 300 метри
Заврши изградбата на новата улица во село Ињево која Општина Радовиш започна да ја гради од пред неколку недели. Станува збор за ул. 9 крак 1 во с. Ињево во вредност од 3.972.826 денари. Должината изнесува 290м, а вкупната ширина со тротоари изнесува 8м.
Поради потребата на граѓаните улицата да се асфалтира заради лошата состојба во која се наоѓаше посебно при врнежо од дожд, Општина Радовиш ја предвиде во годишната програма за реализација на инфраструктурни проекти.
Инаку Ињево е единственото населено место во Општина Радовиш со прекрано испланиран урбанистички план во кој се предвидени прави и широки улици согласно стандардите за едно населено место, со предвиден простор за тротоари.
Загрижува фактот што како и во останатите населени места и овде младите се иселуваат. Според пописот во 2002 година во селото имало 1624 жители, а според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.139 жители. За овие две години кога иселување е уште поактивно, сигурно е намалена и оваа бројка, за што говорат и бројките од запишани првачиња во училиштето.
Општина Радовиш знаејќи ги овие податоци, сепак продолжува со реализација на предвидената програма и стварање на подобри услови за оние жители кои останале да живеат во своето родно место.
Жителите во Ињево се задоволни од изградбата на оваа улица, но се надеваат дека ќе се продолжи и во иднина со асфалтирање на помалите, споредни улички во селото.