Новина во библиотеката во Радовиш, електронско издавање на книжниот фонд, по пет денари на име амортизација при земање на книга
ОНБ „Браќа Миладиновци“ од Радовиш започна со претходно најавениот систем на електронско издавање на книжниот фонд. Согласно донесениот ценовник на услуги од страна на Управниот одбор, секој член на библиотеката при земање на книги треба да плаќа по 5 денари на име амортизација за секој земен примерок.
Рокот на користење на книгата е 14 дена, а после тој рок, на име задоцнување се наплаќа по 2 денари од ден за една книга.
Од
библиотеката ги замолуваат корисниците кои претходно имаат кај себе земено книги за користење истите да ги вратат и презадолжат во најкраток можен рок со цел да не им се евидентира секојдневна задоцнина од по 2 денари за ден.
„Годишно губевме по околу 500 до 600 книги кои остануваа кај нашите читатели. Токму од овие причини го воведуваме овој систем на електронско издавање на книжниот фонд за да можеме да ги заштитиме книгите. Апелирам до нашите читатели кои веќе имаат книга кај себе подолго од 14 дена да ја вратат и повторно да ја земат за да не им се пресметува по 2 денари од ден во наредниот период,“ вели директорот на библиотеката Станој Петров.
Со зачленувањето во библиотеката се потпишува и изјава со која се гарантира дека книгата ќе се врати, во спротивно може да се покрене и судска постапка за обештетување на библиотекта, потенцира директорот Станој Петров