Современо противпожарно возило за гаснење на шумски пожари и спасување доби ТППЕ од Радовиш
Територијалната противпожарна единица од Радовиш доби ново противпожарно возило за гаснење на шумски пожари и спасување преку проектот на Центарот за развој на Југоисточниот регион со Република Грција.
Денеска беше извршено примопредавање на клучевите од возилото модел FORD Ranger од страна на Директорот на ЦРЈИПР Ѓоко Камчев на градоначалникот на Општина Радовиш Ацо Ристов, по што градоначалникот Ристов ги предаде на командирот на пожарната во Радовиш.
На примопредавањето Градоначалникот Ристов изрази благодарност до ЦРЈИПР и директорот Ѓоко Камчев, за оваа донација.
„Интенција на Општина Радовиш е континуирано опремување на противпожарната единица со нова и современа опрема, а со тоа и вршење на попрофесионални услуги за граѓаните“, рече градоначалникот Ристов, при примопредавањето на возилото.
Во рамките на овој проект радовишките пожарникари добија и дрон со термална камера за брзо откривање на пожари, за што имаа и соодветна обука.
Набавката на возилото и дроновите е во
рамките на проектот „Рано откривање на пожарите и нивно движење за превенција и
справување со катастрофи – eFIDAR“ имплементиран од Центарот за развој на
Југоисточниот плански регион, а финансиран од страна на Европската Унија преку
Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и Македонија.
Во рамките на опремувањето на ТППЕ на неколку локации во Радовиш и населените места се поставени противпожарни хидранти за полнење на вода на противпожарните возила, при било каква интервенција да можа да наполнат вода од најблискиот хидрант.