Православните верници денска го слават Св. Архангел Михаил или Свети Аранѓел
Православните верници денска го слават Св. Архангел Михаил. Црковните храмови денска беа полни со верници кои присуствуваа на божествена литургија. Архангел Михаил е водачот на небесните војски кој секогаш се јавувал на местата на кои се појавувала Богородица, така што претставува небесна сила и заштита на земјата.
Според црковните преданија, ангелот Михаил прв стапил во борба со злите духови и тоа во име на црковните толкувања. Црквата го определила овој ден за празник во чест на сите ангели, а најмногу на Свети Архангел Михаил кого го смета за водач на сите небесни сили. Спага меѓу поголемите есенски празници што нашиот народ ги празнува со домашни служби и меѓу народот е попознат како Свети Аранѓел или Аранѓеловден.
Пред да го создаде материјалниот свет, земјата, небото, ѕвездите, човекот, Господ го создал духовниот свет – ангелите. Ангелите се духови поради што се невидливи, а за подобро да бидат сфатени и за да се создаде претстава за нив на фреските и иконите се претставени во човечка форма.
Тие се Господови гласници (ангел значи весник) ги пренесуваат божјите заповеди поради што на фреските се претставени со крилја. Тие се поим за младост и безгрижност поради што се претставени како деца бидејќи староста, обелувањето на косата и брчките на лицето се последица на животните грижи и страдања. Тие се насликани во бела облека што симболизира душевна чистина и невиност. Единствено архангел Михаил е претставен во војводска облека. Во почетокот сите ангели биле добри. Подоцна некои од нив станале лоши, се одметнале од Бога и почнале да прават зло дела. Нив ги викаме ѓаволи. Еден меѓу нив по име Деница, заслепен од големата моќ што му ја дал Бог, се одметнал од Бога, собрал големо друштво и создал цело невидливо небесно духовно царство. Свети Архангел Михаил го победил, го симнал од небото, а и подоцна продолжил да се бори за славата Божја поради што е претставен во војводска облека со меч и копје во рацете.
Кога некои ангели почнале да го напуштаат Бога и станале лоши ги собрал Архангел Михаил сите ангели и како знак на верност кон Бога почнал заедно со нив да ја слави Света Тројца. Во спомен на овој собир црквата го востановила празникот Собор на свети Архангел Михаил што се празнува на 21 ноември. Со овој празник им се оддава признание на сите ангели кои ги има безброј. Многу семејства го имаат за домашен празник и го празнуваат со домашни служби, а и општо е верувањето дека тој спаѓа меѓу поголемите празници.