Денеска се слави Свети апостол Тома, познат меѓу народот како Неверен Тома
Православните верници денеска го слават светиот апостол Тома, еден од дванаесетте апостоли кој го ширел Христијанството
најпрвин во Палестина, а потоа и во Персија и во Индија каде бил убиен.
Свети апостол Тома е познат меѓу народот по неговото неверување,
односно сомнеж во воскреснатиот Христос
како Спасител. Кога Исус, по воскреснувањето, им се јавил на неговите ученици
меѓу нив не бил Тома. А кога тие му кажале дека го виделе Спасителот, Тома не верувал и оттука е наречен Неверен Томо.
Неверувањето
на Тома, Господ го искористил за да
се потврди пред целиот свет реалноста на Неговото воскресение.
Апостол Тома е единствениот кој ги стави прстите во Христовите
рани и ја опипа реалноста на живото тело, истото тело кое претходно умре на
крстот. Подоцна, кога апостолите се распрснаа по целиот свет да го проповедаат
Евангелието, на свети Тома му падна да отиде во Индија. Таму пострада маченички
и со тоа уште еднаш, и сега најасно, ја посведочи својата вера во воскреснатиот
Спасител.
Свети апостол Тома во
народното паметење останал како неверен Тома. Тој е еден од дванаесетте славни Исусови
апостоли. Тома на еврејски јазик значи близнак, но апостолот Тома најчесто е
познат како Неверен Тома.
Роден е во Панеида, мало гратче
во Галилеја. Бил верен следбеник на Исусовото учење, и присуствувал на сите
поважни настани од неговиот живот.
Кога по слегувањето на Светиот
Дух врз апостолите, тие се
растуриле по светот за да го шират Исусовото учење, Тома отишол во Индија. Се
претставувал како мајстор-ѕидар, а го проповедал христијанството. Таму бил и
кога умрела Богородица и на таинствен начин пристигнал три дена по погребот.
Многу жалел поради тоа и побарал од апостолите да го отворат
гробот и да ја види Божјата мајка. Но кога му ја исполниле желбата и кога го
отвориле ковчегот телото на Богородица не било тука. Таа воскреснала и отишла
кај својот син. Потоа Томо повторно се вратил во Индија каде што придобил многу
неверници кон христијанската вера. Откако ги придобил и жената и синот на царот
Миздија овој наредил да го убијат. Војниците го избодиле со копја надвор од
градот, а неговите приврзаници го погребале како што му прилега.
Празникот Свети Апостол Тома, градежниците го слават над 40 години, а преку здружението на архитекти и градежници „Градиком“ во Радовиш се слави 15 години. Ова здужение брои околу 80 членови од општините Радовиш и Конче. Традиционално секоја година се бира и кум на градежниците.