Радовишки алпинист го искачи највисокиот планински врв во Австрија Großglockner
Радовишки алпинист го искачи највисокиот планински врв во Австрија.
Владе Коцев од населба Дамјан Општина Радовиш, заедно со двајца босански алпинисти Санид Терзич и Нијаз Емрич пред една недела односно на 12 август го освоија највисокиот врв во Австрија Großglockner висок 3798 метри.
„Многу тежок и напорен врв кој бара доста физичка
подготвеност поради висината и намалениот кислород, како и поради тежината на
ранците што ги носиме полни со опрема кои го отежнуваат уште повеќе и така
стрмото и ризично патување“ вели Владе за mediapress.mk
Качувањето го започнале во Петок на 11 август, во 18 часот. Пристигнале на втората куќичка на висина од 2.800 метри каде и ја преспале ноќта. Рано наутро во 5 часот го продолжиле искачувањето и горе на врвот стигнале некаде околу 14 часот, на 12 август.
„Еден час уживање на врвот во својот успех, фотографирање овековечување на моментот. И започнување на потешкиот дел спуштањето, за кое треба да бидеш доста внимателен, физички и психички подготвен како и технички и тактички, со добра опрема. На паркингот стигнавме во 19:15 часот“, вели радовишанецот Владе Коцев кој се уште под импресии од погледот од врвот го раскажува своето незаборавно искуство.
Временските услови биле наклонети и алпинистите имале идеални услови за качување.
„И да бидам искрен едно прекрасно искуство иако доста ризично, бидејќи стрмните, мазни и лизгави карпи покриени со снег и мраз во некој моменти те стават во безизлезна ситуација. Но благодарение на Господ стигнавме живи и здрави“, вели Владе.