Македонија

На 5 Мај, се одбележува Денот на македонскиот јазик

Ден на македонскиот јазик е празник од работен карактер кој се празнува на 5 мај во Македонија. Истиот е прогласен во чест на 5 мај 1945 година кога Народната влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо. Македонски јазик — (јужнословенски јазик, дел од групата на словенски јазици) е службен и национален јазик во Македонија.

„На денешен ден, 5 Мај, го одбележуваме Денот на македонскиот јазик, денот кога во 1945 г. е озаконета македонската азбука. Генезата на македонскиот писмен јазик ја следиме уште од првите црковнословенски ракописи од X-XI век, кога се појавуваат првите типично македонски зборови, и тој развој го следиме низ вековите, со засилено навлегување на македонскиот народен јазик во ракописите од крајот на XVI век. Во XIX век веќе се појавува и јасна свест за посебноста на македонскиот јазик и за неговото место во јазичното семејство на светот, свест што кулминира во делото „За македонските работи“ од Крсте Петков Мисирков, објавено во 1903 г.
Тој континуитет во развојот на македонскиот јазик е потврден на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 г., датум од огромно значење за нас – датум на кој македонскиот јазик за првпат и официјално станува службен јазик во една држава – македонската држава. По официјализирањето, на 5 мај 1945 г. со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, азбука којашто исто така се надоврзува на претходната писмена традиција – црковнословенската кирилица, реформираната кирилица, т.н. граѓанка, како и графискиот систем што го користи Мисирков.
На 7 јуни 1945 г. е усвоен и правописот на македонскиот јазик, а набргу потоа следуваат и основоположничките дела на великанот на македонскиот јазик, Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик – и со тоа се заокружува кодификацијата на македонскиот јазик.
Од тој момент, македонската азбука и правопис почнуваат да се користат во практиката и се впрегнуваат во секојдневната јазична употреба од сите сфери на животот. Тестот на писмената практика – македонскиот јазик го положува со највисока оцена. Доказ за тоа се илјадниците дела напишани на македонски јазик со македонска азбука и правопис: и тоа од уметничка литература до врвни научни дела, од разговорен јазик до јазик на општеството, просветата, културата и медиумите.
Денес го одбележуваме овој ден, 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, за да му оддадеме почит на минатото и да покажеме дека го знаеме и го цениме, но исто така, и за да се обврземе кон иднината – дека тоа што ни е дадено со традицијата и со кодификацијата не треба само да го чуваме, туку треба и да го негуваме, и да го афирмираме и да го развиваме – за да може македонскиот јазик и понатаму да го следи и научниот и технолошкиот напредок, а истовремено да остане убав и наш – на него да пееме, да твориме и да живееме.
Нека ни е честит Денот на македонскиот јазик!“

Катедра за македонски јазик и јужнословенски јазици
Филолошки факултет „Блаже Конески“
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

https://flf.ukim.mk/5-%D0%BC%D0%B0%D1%98-%D0%B4%D0%B5%D0%BD-%D0%BD%D0%B0-%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%B8%D0%BE%D1%82-%D1%98%D0%B0%D0%B7%D0%B8%D0%BA/

Media Press

Автор на инфорамцијата

Recent Posts

Поевтинуваат горивата

Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 84 денари, а на ЕУРОСУПЕР БС-98 — 86 денари…

3 часа ago

ТРИБИНА ЗА КРСТЕ ПЕТКОВ МИСИРКОВ – вековна мисла и неизбришлив темел на македонскиот идентитет

Во чест на еден од најзначајните великани на македонската национална и јазична мисла, Крсте Петков…

5 часа ago

Пензионерите од Василево добија пензионерски клуб

Викендов,  во Домот на културата, градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, заедно со пензионерите, со…

5 часа ago

ФАТЕН СО АКТИВНА ЗАБРАНА: Управувал со возило спротивно на законската мерка – забрана за управување на возило!

На 12.11.2026 во 15:50 часот во Гевгелија, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија го лишија…

3 дена ago

Општина Струмица со награден фонд до 130.000 д. за најдоброто идејно решение за Градски плоштад ,,Гоце Делчев“ – Струмица

ПОТСЕТУВАЊЕ ДО ГРАЃАНИТЕ: РОКОТ ЗА ИДЕЈНИТЕ РЕШЕНИЈА ЗА ГРАДСКИОТ ПЛОШТАД „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ Е ПРОДОЛЖЕН ДО…

3 дена ago

Општина Струмица денес ја одржа 18-та седница на Советот на општина Струмица

Нови развојни планови за Струмица, финансиска стабилизација и инвестиции во 2027 година! На денешната 18-та…

3 дена ago