По лебот, тестенините и дел од млечните производи, од вчера Владата ги замрзна цените и на оризот и јајцата, а се прават анализи дали да бидат опфатени и овошјето и зеленчукот.
Со одлуката се определуваат највисоките цени во трговијата на мало на свежи јајца од кокошка и ориз и се определува обврска на трговците, кои претставуваат правни и физички лица, кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно со закон, како и трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење производство, кои своите производи ги продаваат на пазарот, да прибавуваат и/или да продаваат свежи јајца од кокошка.
Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 15 март 2023 година во трговијата на мало, за соодветната класа по производ.
Како што соопшти министерот за економија Крешник Бектеши,
просечната цена на јајцата на 15 март изнесувала околу 8,5 денари, а најскапото
чинело 9,8 денари зависно од пакувањето, амбалажата и трошоците што ги имале
компаниите.
Трговците имаат обврска редовно да прибавуваат и да продаваат свежи јајца од кокошка, во количини што редовно се прибавувале и продавале во јануари и февруари 2023 година и имаат обврска најмалку 70 проценти од своето производство на свежи јајца од кокошка, да го стават во промет на домашниот пазар.
Највисоките цени на наведените производи во одлуката и обврските на посочените трговци, ќе се применуваат до 30 април 2023 година.