Подружница Плачковица-Радовиш, започна со склучување договори за огревно дрво, граѓаните чекаа во редици
Стотици граѓани денеска чекаа ред да склучат договор за огревно дрво за следната сезона, пред подружницата на ЈП Национални шуми во Радовиш.
Како што дознаваме од ЈП Национални шуми Подружница Плачковица- Радовиш, од денеска започнале да склучуваат договори за огревно дрво, кои ќе се склучуваат етапно според количините кои им се на располагање.
„Граѓаните исплашени да не останат без огревно дрво побрзаа уште на првиот ден за да склучат договор и од тие причини се створија гужви иако тројца наши вработени работат на склучување на договори“, вели директорката на Подружница Плачковица, Ивана Божинова.
Таа апелира до
граѓаните да доаѓаат етапно, бидејќи договори ќе се склучуваат во наредните
неколку дена и тоа само за буково дрво, се до исполнување на планираните количини.
„Ќе се склучуваат договори само за буково огревно дрво кое ќе се продава по цена од 4.064 денари за метар кубен и бука сеченица од 3.186 денари за метар кубен, согласно планот за работа за 2023 година. Оваа година не склучуваме договори за дабово огревно дрво бидејќи во одделите што ни се планирани за работа за 2023 година не е застапено“, вели Божинова која додава дека како Подружница Плачковица, ќе се потрудат да одговорат на барањата на сите граѓани од Општина Радовиш.