Австралиските
власти денеска пронајдоа радиоактивна капсула помала од една пара изгубена во
Западна Австралија минатата недела, изјави министерот за вонредни состојби на
државата.
Капсулата е со
димензии осум милиметри на шест милиметри. Јадрото на капсулата содржи мала количина
на радиоактивен цезиум-137, кој може да предизвика сериозни болести доколку се
допре.
Потрагата по
капсулата, која паднала од камион на патека долга 1.400 километри низ Западна
Австралија меѓу градовите Њуман и Перт, траела една недела.
Капсулата што
го содржи радиоактивниот изотоп цезиум-137 е откриена од возило кое се движело
со брзина од 70 километри на час и опремено со специјална опрема за детекција
на радијација, соопштија властите во австралиската држава Западна Австралија.
Оттаму додаваат дека капсулата се наоѓала на околу два метри од работ на
коловозот. Цезиум-137 е радиоактивен изотоп на цезиум со полуживот од 30
години.
– Сакам да
истакнам дека ова е извонреден резултат – изјави министерот за вонредни
ситуации на Западна Австралија Стивен Досон на прес-конференција.
– Капсулата е
пронајдена утринава на околу 50 километри јужно од градот Њуман, армијата ја
проверила и утре ќе биде однесена во специјално обезбеден објект во Перт.
Ослободувањето
на радиоактивен изотоп се случува со употреба на нуклеарно оружје, како и во
случаи на несреќи во нуклеарни централи, поради што претставува голем ризик за
животната средина, според Енциклопедија Британика. Компанијата Рио Тинто пред
три дена се извини за загубата на капсулата.
ДЕВЕТ ДЕНА МОЛК
Камион со радиоактивна капсула пристигна во складиштето во Перт на 16 јануари, а службите за итни случаи беа известени за исчезнатата капсула дури на 25 јануари. Властите се сомневаат дека вибрациите од камионот ги олабавиле завртките, поради што капсулата испаднала од пакувањето, а потоа и од отворот во камионот.