Општина Гевгелија ја промовираше платформата за туристичките потенцијали
Општина Гевгелија ја промовираше платформата за туристичките потенцијали пред туристичките чинители од општината. Промоцијата е дел од Кампањата за утврдување и афирмација на туристичкиот идентитет на општината, како основа за поголема искористеност на туристичките потенцијали и поврзаност на туристичките чинители.
На презентацијата, беа промовирани резултатите од првата фаза од креирањето на туристичкиот идентитет на Општина Гевгелија. Целиот процес беше заокружен со изборот на слганот GEVGELIJA – SPICE UP THE JOURNEY, односно „Зачини го патешествието“, како заштитен знак на туристичкиот идентитет на Општина Гевгелија.
– Во оваа фаза беа вклучени повеќе чинители во туризмот во општина Гевгелија, туристичко- угостителски работници, хотелиери, претставници на здруженија и асоцијации на туристички работници. Бидејќи целта на проектот е мрежно поврзување на сите чинители во туризмот, за проширување и збогатување на туристичката понуда, преку поголема искористеност на компаративните предности, но и излегување во пресрет на потребите на туристите, рече Марија Костадинова, координатор на проектот во Општина Гевгелија, која ги презентираше областите и активностите, од кои произлегуваат туристичките потенцијали на општина Гевгелија.
„АВАНТУРИ ВО ПРИРОДА“ е првиот потенцијал, кој има за цел да ги промовира природните богатства, пред се, нашиот прекрасен Кожуф и сите речни текови, преку планинарење, планински велосипедизам, параглајдерство, лов, риболов и други активности во природа, кои според истражувањето, досега се недоволно промовирани и искористени. Вториот потенцијал „ЗАБАВА И ВОЗБУДА“ има за цел да го промовира казинотуризмот во Гевгелија, но и сите други активности за забава и возбуда, како кафулиња, дискотеки, настани и културни манифестации. „СЕНЗАЦИОНАЛНИ ВКУСОВИ” ги собра сите вкусови и мириси како значаен туристички потенцијал, традиционалната и богата кујна, што ја нудат локалните ресторани, кои се надалеку познати, па, дури и во Балкански рамки и локалните винарии и дестилерии, кои нудат квалитетни вина, ракија и мастика од гевгелиското виногорје. Бројноста пак на стоматолошките ординации, термалните наоѓалишта и веќе постојните спа-центри во хотелите ја сочинуваат „ЗДРАВЈЕ И УБАВИНА“, како туристички потенцијал во подем. Последната област – „ИСТРАЖУВАЊЕТО НА ПОТЕКЛОТО“ се заснова на вредните археолошки локалитети на територијата на општина Гевгелија, прекрасните села и стари цркви, но и културните знаменитости. Нивната афирмација и внесување во туристичката мапа на Општина Гевгелија се од посебен интерес за туристите, истакна Марија Костадинова.