За прв пат во Радовиш отворен Центар за психосоцијална поддршка на жртви на семејно насилство
Жртвите на семејно насилство од општините Радовиш и Конче отсега ќе можат да се обратат за помош во Центарот за психосоцијална поддршка на жртви на семејно насилство кој денеска беше отворен во зградата на поранешниот факултет во центарот на Радовиш. Како активност од втората компонента на проектот „Достапни и ефикасни, дигитални и социјални услуги на општините Радовиш и Конче“ беше отворен овој „Центар за поддршка на жени“. Носител на Проектот е УНДП и Бирото за регионален развој, а финансиски поддржан и од двете општини Радовиш и Конче на иницијатива и во соработка со здружението Женска акција од Радовиш.
Градоначалникот Ацо Ристов изрази благодарност до УНДП, до Бирото за регионален развој и до здружението „Женска акција“ за реализацијата на овој проект. Тој се надева дека нема да има потреба многу да се користи, но во случај да има потреба, жртвите можат да се обратат за помош, било да се работи за жени или за мажи.
Вакви центри во Македонија има 11 меѓу кои и центарот во Радовиш, според УНДП целта не е само да им се помога на жртвите туку и да се работи на превенција, рече Сања Бојаниќ, заменичка на постојаниот претставник на УНДП.
Центарот е отворен во соработка со Женска акција од Радовиш и во него, психосоцијална поддршка на жртвите ќе дава психологот Кристина Коцева, како и помош во посредство помеѓу институциите. Истиот ќе биде отворен секој ден од 09 до 17 часот.
Вредноста на Проектот е 3.600.000 денари, од кои УНДП и Бирото за регионален развој како носители, учествуваат со 2.600.000 денари и општините Радовиш и Конче со 1.000.000 денари.
Центарот е отворен во склоп на 16 дена активизам против родовобазирано насилство, глобална акција која започнува на 25 ноември и завршува на 10 делември , рече Иванка Соколова од Женска акција која даде голем придонес во отворањето на овој центар и практично беше иницијатор на поектот.