Отворена првата сензорна соба во ООУ Крсте Петков Мисирков во Радовиш, наменета за ученици со посебни потреби
Во ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во Радовиш денеска е отворена првата сензорна соба, наменета за ученици со посебни потреби, а во рамките на проектот „Биди ИН, биди инклузивен биди инклудиран“, финансиран од ЕУ од страна на фондацијата Чекот по чекор. Станува збор за просторија во која учениците со попреченост ќе можат да поминат одреден период од денот, во случај да имаат проблем со следење на наставниот процес.
Истата од денес ќе може да ја користи стручниот тим на ООУ „Крсте Петков Мисирков“ и во неа ќе се поттикнува аудитивниот, визуелниот, физичкиот и тактилниот развој кај учениците со и без пречки во развојот или образовни потешкотии во ова училиште.
Главниот фокус на проектот како што рече Елена Мишиќ, тим лидер на проектот „Биди ин, биди инклузивен, биди инклудиран“ е доделување на стипендии на ученици со посебни потреби и обезбедување на грантови за подобрување на пристапноста и квалитетот на настава на децата со посебни потреби.
На денешното отварање на првата сензорна соба во Радовиш беше присутен и градоначалникот Ацо Ристов кој рече дека како локална самоуправа ќе продолжат да работат на сеопфатно и инклузивно основно образование.
„Се работи за проект кој што ќе помага на децата уште во раната возраст. Ова е прв пат во Радовиш што се случува, но се надевам не и последен. Сите ќе се вклучиме и реално ќе помогнеме од теорија инклузивноста да се спроведе во пракса“, рече градоначалникот Ристов
Оваа сензорна соба е опремена со посебни реквизити, материјали и сензорно осветлување кое има смирувачко дејство врз учениците. Од името на училиштетото благодарност изрази директорката Лујза Спасова, која рече дека заеднички ја направиле оваа сензорна соба, се во интерес на поквалитетно образование.
Проектот го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери, Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“ а во соработка со Министерството за образование и наука.
Инаку во ООУ „Крсте Петков Мисирков“ учат околу 1.200 ученици.