Ковачевски: По 17 години чекање ги отвораме преговорите со ЕУ со заштитен македонски јазик. ВМРО -ДПМНЕ: Македонија не почнува преговори, се е фарса на СДСМ и ДУИ
Претседателот на Владата
на Република Македонија Димитар Ковачевски и Претседателот на Владата на
Албанија Еди Рама, утрово во Брисел имаа заеднички состанок со Претседателката
на европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, и со премиерот на Чешка Петр
Фиала како претставник од чешкото претседателство.
Премиерот Димитар
Ковачевски пред почетокот на Првата меѓувладина конференција во Советот на
Европската Унија изјави дека овој е голем
ден за Република Македонија по 17 години започнуват преговорите за полноправно
членство во ЕУ.
,,Во име на граѓаните
и Владата на Република Северна Македонија, ми претставува исклучителна чест што
ја имам можноста да се обратам, на мојот мајчин македонски јазик, на денешната
долгоочекувана и сосема заслужена Mеѓувладина конференција со која ги отвораме
преговорите за полноправно членство на Северна Македонија во Европската Унија.
Со оваа меѓувладина конференција, Северна
Македонија ја започнува последната етапа од својот долг пат кон полноправно
членство во Европската Унија“, вели премиерот Ковачевски во своето
обраќање пред претставниците од 27 земји членки.
Од ВМРО
-ДПМНЕ реагираат дека Македонија не почнува преговори,
се е фарса на СДСМ и ДУИ. „Нема да дозволиме промена на Устав и целосна бугаризација на
државата. Власта нема 2/3 и нема да има“, се вели во денешното соопштение
на ВМРО-ДПМНЕ.
„Преговарачката рамка мора да се смени.
Од Протоколот со Бугарија, обврзана е само Македонија. Нема реципроцитет,
туку само права за Бугарија, а обврски за Македонија. Бугарија не го признава
нашиот јазик, ниту нашето малцинство во Бугарија, а бара влез на Бугарите во
Устав во Македонија. Каде е тука реципроцитетот? Македонија е ставена во
нееднаква положба во однос на Бугарија“ стои во соопштението.