Во Софија вчера беше потпишан и билатералниот протокол меѓу Македонија и Бугарија, чекор кој што следуваше по прифаќањето на „Францускиот предлог“ од страна на Владата, а претходно состанок одржа меѓувладината комисија на која присуствуваа министерите за надворешни работи Бујар Османи и Теодора Генчовска.
-Со ова почнува последната фаза од нашето пристапување во ЕУ. Се надеваме дека билатералниот процес со Бугарија и пристапните преговори ќе овозможат поблиска соработка меѓу нашите две држави. Очекуваме поддршка од Бугарија на овој пат, изјави Османи по потпишувањето на Протоколот.
Како што појасни Османи на брифингот со новинарите, Македонија утре во Брисел ќе ја одржи првата Меѓувладина конференција со ЕУ, на која премиерот Димитар Ковачевски ќе ја прочита отворачката изјава. Веднаш потоа почнува скринингот кој ќе трае година и половина, а по завршување на тој процес, предвидена е следната меѓувладина конференција со која ќе се комплетира фазата на отворање на преговорите за членство, а нејзиното одржување е условено со измените во Уставот.
Министерот Османи вчера на брифингот со новинарите во Скопје нагласи дека трите важни прашања за нас и тоа – јазикот, историските прашања да не бидат одредница за отворање и затворање на поглавјата и да почнат преговорите сега, ги добивме.
„Република Бугарија доби условување на втора меѓувладина конфреренција со уставни измени. Тоа е компромисот“, изјави Османи.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, во интервјуто за српска „Политика“ изјави дека државнички и одговорно одговорила Владата на сите предизвици со кои се соочуваше во текот на дијалогот со Бугарија и Европската Унија и дека во сите документи, кои беа јавно објавени, вклучувајќи го и Протоколот, успеале да го заштитат македонскиот јазик и идентитет.
Но на прашањето дали се можни идни блокади на патот кон Европската Унија, вицепремиерот Маричиќ одговори дека во политиката не може сè да се предвиди и дека нема гаранции за ништо.
Опозицијата,
најавува референдум за уставните измени, со кои Бугарите треба да влезат во
Уставот. За ваквата одлука сепак ќе треба да одлучи најголемата опозициска
партија – ВМРО-ДПМНЕ.
Партискиот лидер, Христијан Мицкоски, планира иницијативата за собирање 150 илјади потписи за референдум за „да се собори бугаризацијата и асимилацијата“да ја предложи на Извршниот комитет на партијата.
„Граѓаните треба да си го дадат своето мислење односно треба да излезат на референдум и да кажат дали се ‘за’ или ‘не се за’ овие измени кои што Владата ги потпиша после овој дипломатски нокаут и капитулација“, рече Мицкоски.