Комисијата за заразни
болести на денешниот состанок ги разгледа заклучоците од Националната комисија
за имунизација, во врска со почеток на вакцинација со четврта доза на вакцина
против Ковид-19.
Четврта доза може да примат лицата над 18 –
годишна возраст, кои примиле три дози вакцина против Ковид-19. Граѓаните од
денеска можат да се обратат во вакциналните пунктови, за што не е потребно
закажување, соопшти Министерството за здравство.
Вакцинацијата
со четврта доза, како што посочуваат од Министерството, е предвидено да се
спроведува со мРНА вакцина на „Фајзер“ или „Модерна“. Препорачаното растојание
меѓу трета и четврта, односно бустер доза е најмалку четири месеци.
Вакцинацијата
со четврта доза посебно се препорачува кај хронично болни, пациенти на
дијализа, трансплантирани, онколошки пациенти, имунокомпромитирани и пациенти
кои примаат имуносупресивна и имуномодулаторна терапија за која било индикација
и кај лица над 60 години.
„Вакцинацијата е најдобра превентивна мерка
за заштита од потешка форма на вирусот Ковид-19. Државата располага со доволни
количини вакцини, кои се безбедни и ефикасни и ги повикуваме граѓаните да се
имунизираат во вакциналните пунктови со вакцина против Ковид-19, со цел да
стекнат дополнителен имунитет“ апелираат од
министерството за здравство.
Инаку поради зголемената фреквенција на луѓе за време на летните одмори бројот на нови случаи со ковид 19 повторно почна да расте. Во последните 24 часа направени се 1.254 тестови, а регистрирани се нови 293 случаи на КОВИД-19 во државата. Од нив во Југоистокот 9, во Струмица 6 во Радовиш 2 и во Гевгелија 1 лице.