Рудниците Бучим и Боров Дол започнаа со донација на дробен камен – тампон, за тампонирање на нови улици во Општина Радовиш
Рудниците Бучим и Боров Дол започнаа со донација на дробен камен – тампон, со цел да помогнат на Општина Радовиш во реализација на инфраструктурни проекти односно тампонирање на неизградени улици во Радовиш и во населените места.
Со тоа започнува долгорочна инфраструктурна соработка на општина Радовиш со рудниците Бучим и Боров Дол, со што се поттикнува висока општествена одговорност и соработка на компаниите со локалната самоуправа, што е еден од приоритетите на општината за подобрување на условите за живот на граѓаните во градот и во населените места.
Денеска беше извршена првата достава на тампон во присуство на градоначалникот на Општина Радовиш Ацо Ристов и менаџерскиот тим на двата рудника Бучим и Боров Дол, Олег Чусовитин и Ивица Карапетров во кругот на ЈП „Плаваја“. Тампонот како што кажа градоначалникот наменски ќе се користи исклучиво за поправки и пробивање на патишта од земјен коловоз и уредување на порои.
Градоначалникот Ристов изрази благодарност за ваквата донација и рече дека ова е од голема помош за општината, додека да се најде соодветно решение за изгубената концесија од рудникот Бучим.
Со денешната донација започнува првата фаза од донирање на дробен камен во која во нредниот период ќе бидат донирани 10.000 метри кубни тампон, со цел да се помогне во развојот на Радовиш во инфраструктурни проекти, рече прес- секретарот на рудниците Бучим и Боров Дол, Кристина Крстева. Таа додаде дека двата рудника продолжуват со праксата да бидат општествено одговорни комании и да помагаат на општина Радовиш.
“Како партнери на локалната заедница, фокусирани сме кон обезбедување вредност за општеството и се залагаме за поддршка и реализација на проекти кои што се насочени кон подобрување на квалитетот на живеење на жителите на локалните заедници. Веруваме дека преку својата општествена одговорност може да придонесеме во подобрувањето, унапредувањето и во развојот на заедницата во која што делуваме. Преку поддршката на овој проект за реконструкција и изградба на локална патна инфраструктура ќе се овозможи поврзување на населените места во Радовиш, а со тоа ќе им се овозможи повисок и поквалитетен животен стандард на жителите, што во суштина значи и константно подобрување на условите за живот,” потенцираат од Бучим. Во наредниот период ваквата донација ќе продолжи според потребите на општината, за подобрување на инфраструктурата.