Граѓаните од 1 јули ќе може да поставуваат соларни панели за сопствени потреби, а вишоците електрична енергија ќе ги продаваат
Граѓаните од 1 јули годинава непречено ќе може да поставуваат фотоволтаици за производство на електрична енергија на своите покриви со инсталирана моќ до шест киловат часови, а универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“ ќе биде должен да им го откупи вишокот на произведена струја или да им одбие од сметката кога ќе трошат повеќе од произведеното. Ова го предвидува новиот Правилник за обновливи извори на енергија со кој се овозможува секое домаќинство и деловен субјект да може да постави фотоволтаик на својот покрив и да ја продава струјата, информира денеска министерот за економија Крешник Бектеши на прес конференција.
„Од утре секое домаќинство, мал потрошувач и буџетски корисник ќе може да склучи договор за снабдување и предавање на вишокот на произведена електрична енергија со кој било снабдувач со електрична енергија, вклучително и со универзалниот снабдувач, при што вишокот на преземента електрична енергија во пресметковниот период е просечната набавна цена на електричната енергија која универзалниот снабдувач ја набавува за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи.
Исто
така, со цел да се поттикне инвестирањето во обновливи извори на енергија,
Владата, на предлог на Министерството за економија ја донесе Програмата за
промоција на обновливи извори на домаќинствата за 2022 година.
Средствата за реализација на оваа програма се во износ од 60.000.000 денари и истите ќе се користат за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на споственост или користење, до 30%, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство за 2022 година.
Во наредниот период ќе распишеме јавен оглас, на кој заинтересираните домаќинства ќе имаат право да аплицираат за остварување на надомест на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија за сопствена потрошувачка, појасни министерот Бектеши.
„Секое домаќинство и секој мал потрошувач – правен субјект од 1 јули ќе може да почне со вакви инвестиции. Министерството за економија за да се олесни постапката предложи до Министерството за транспорт и врски да се направат измени во Законот за градење, односно да се избрише одредбата со која Општината издава решение за поставување на фотонапонски системи на покрив за потрошувачите-производители“, посочи Бектеши.
Тој нагласи дека инвестицијата чини од 700 до 800 евра за
киловат час и додаде дека во нашата држава фотоволтаиците може да работат 1.500
часа годишно.
Бектеши прецизира дека обврска на „ЕВН хоум“ ќе биде да ги
промени сегашните броила на оние што ќе постават фотоволтаци на своите покриви
и да постави соодветни, а за тоа нема да треба да плаќаат граѓаните.