МЗШВ: Околу 20.000 производители на тутун следната недела ќе ги добијат заслужените субвенции
Околу 20.000 производители на тутун следната недела ќе ги добијат заслужените субвенции, информираат од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство.
„Сите решенија за исплата на субвенциите кон тутунарите за реколтата 2021 година се изготвени и од страна на директорот на Агенцијата за Финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски се потпишани и проследени до министерството за финансии. Во еден ден, без селекција ја реализираме финансиската поддршка за тутунарите. Лагите кои изминатиов период беа пласирани денес паднаа во вода. Ова е јасен доказ за сите земјоделци, за сите тутунари, дека Владата навремено ги имаше обезбедено и резервирано потребните средства за исплата на субвенциите.
Кај околу 20.000 производители на тутун, веќе следната недела на своите сметки ќе легнат 1.3 милијарди денари директна поддршка за тутунопроизводството. Своите субвенции, тутунарите, ќе ги имаа многу порано доколку во Собранието предложените законски измени не беа одоговлекувани и блокирани“ соопштуваат од МЗШВ.
„Со измените на законот создадовме и услови за авансна исплата на субвенциите од оваа година. За прв пат во 2022 година ќе се исплатат субвенции од програма од 2022 година“се вели во соопштението.
Дополнително како што стои во соопштението, Агенцијата за за Финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој започнала со обработка на апликациите од јавниот повик за финансиска поддршка за набавка на опрема за производство и преработка на туутун, кој беше распишан преку програмата за Рурален развој за 2022 година. Пристигнати биле 62 апликации за оваа мерка, а истата предвидува поддршка преку кофинансирање на инвестицијата од 4.500.000 денари по корисник.