Штрајкот во основните и
средните училишта продолжи и денеска. Постигнатиот договор
меѓу Владата и раководството на Синдикатот за образование, наука и култура
(СОНК) за зголемување на платите од 12 проценти, не доби поддршка од членовите
на СОНК. Според најавите, штрајкот ќе трае се додека не се најде прифатливо
решение за двете страни. Од друга страна, СОНК одлучи градинките да продолжат
со редовно работење.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделковски, вчера откако објави дека
членството не го прифатило предлогот за зголемување на платите од 12 проценти,
изјави дека Синдикатот во знак на незадоволство од резултатите на преговорите
одлучил да организира голем масовен протест пред Владата в среда на 4 мај годинава.
„Од вкупно 480 синдикални
организации кои што дадоа податоци за нивното изјаснување, 388 беа за
продолжување на штрајкот од утре, а само 83 беа за прекинување на штрајкот.
Најголемиот дел од овие што се изјаснија за прекинување на штрајкот, се
синдикалните организации од детската заштита, а без исклучок, огромниот број
кои беа за продолжување на штрајкот се колегите кои се вработени во основното и
средното образование. Советот на СОНК, со оглед на сумираните резултати, донесе
одлука дека штрајкот во основното и средното образование продолжува и во текот
на утрешниот ден се до наоѓање на заедничко прифатливо решение помеѓу Синдикатот
и Владата“, нагласи вчера Неделков.
Тој додаде дека Советот на СОНК, врз основа на изјаснувањето на синдикалните организации од детските градинки донел одлука во градинките штрајкот да се стави во мирување.
Штрајкот во основното и средното образование и детските градинки почна на 11 април. СОНК веќе втор пат одбива владин предлог за зголемување на платите, бидејќи се уште не го постигнале тоа што го бараат. Владата првично предложи зголемување на платите од 10 проценти, а потоа на 12 отсто, но СОНК бара покачување од 18,4 проценти и усогласување на останатите плати со минималната плата и ќе го продолжи штрајкот се додека не им се исполната барањата.